Карлос Саинц не го дели оптимизмот на ФИА дека сезоната во Формула 1 сигурно ќе заврши на Блискиот Исток. Возачот на Вилијамс на прес-конференцијата пред Големата награда на САД во Остин изјави дека е прерано да се биде убеден дека трките во Катар и Абу Даби ќе се одржат според планот.
„Изгледаат многу убедени дека сè ќе се одржи. Од моја лична страна, а не како претставник на здружението на возачите, многу е тешко да се биде убеден во моментов, бидејќи на Блискиот Исток сè уште се случуваат многу работи“, рече Саинц, пренесува Д Рејс.
Шпанецот, кој е еден од директорите на здружението на возачите ГПДА, потсети и на изборите во САД, кои се закажани за 3 ноември. Според него, политичките случувања во светот можат многу брзо да ја променат ситуацијата во следниот месец и половина.
„Засега одиме во Катар и Абу Даби и ако ФИА и Формула 1 одлучат дека е безбедно, ние како возачи треба да го следиме тоа што ќе го кажат. Немаме толку политички информации како нив, но светот може многу да се смени и мора да останеме будни“, додаде Саинц.
Неколку часа по прес-конференцијата, од Вилијамс испратија појаснување со изјава припишана на Саинц. „Сакам да биде јасно дека знам дека ФИА и Формула 1 ќе ја стават безбедноста на прво место и целосно им верувам дека ќе ја донесат вистинската одлука. Со нетрпение ги очекуваме трките во Катар и Абу Даби“, се вели во изјавата, пренесува Гранпри.
Претседателот на ФИА, Мохамед бен Сулајем, неколку дена претходно изјави дека двете завршни трки ќе се одржат. Големата награда на Катар е закажана од 27 до 29 ноември, а сезоната треба да заврши во Абу Даби од 4 до 6 декември.
Формула 1 за секој случај подготви и резервна опција, трка на Имола на 6 декември, доколку трките на Блискиот Исток бидат откажани. Конфликтот во регионот веќе го промени календарот оваа сезона, кога беа откажани априлските трки во Бахреин и Саудиска Арабија, пишува Јаху спорт.
















