Роберт Френкс е ново засилување на Партизан

Кошаркарот Роберт Френкс
Фото: Tom Hagerty / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Партизан го засили тимот со уште едно ново име во текот на сезоната. Американскиот крилен центар Роберт Френкс е нов кошаркар на црно-белите, соопшти белградскиот клуб, само еден ден по победата во вечното дерби против Црвена звезда во Евролигата.

Френкс е висок 201 сантиметар и е роден во 1996 година во Сиетл. Професионалната кариера ја започнал во 2019 година, по студиите на Државниот универзитет во Вашингтон, а во Белград доаѓа од кинескиот Нанџинг, наведува АБА лигата.

Американецот настапувал за развојните тимови на Шарлот, Сакраменто и Орландо, а во 2021 година стигнал и до НБА лигата. Тогаш, со два десетдневни договори, одиграл седум натпревари за Орландо Меџик, со просек од 6,1 поен и два скока, а истата година со Лејкленд Меџик станал шампион на Г лигата.

Потоа кариерата ја продолжил во Австралија, каде што се наметнал како еден од најдобрите стрелци во НБЛ. Во сезоната 2021/22 за Бризбејн Булетс имал просек од 18,2 поени и 8,8 скока, а потоа за Аделаида 36ерс бележел по 17,7 поени, пренесува Баскетњуз.

Во меѓувреме, Френкс го стекнал и првото европско искуство во израелскиот Хапоел Гилбоа Галил, а последните сезони ги поминал во Јапонија. Минатата сезона за Ибараки Роботс имал просек од 17,1 поен, 6,9 скока и 3,5 асистенции на 53 натпревари, со 40 отсто успешност во шутот за три поени.

Според Еврохупс, 29-годишниот кошаркар треба да донесе дополнителна длабочина во ротацијата на тренерот Жоан Пењароја, со оглед на густиот распоред на клубот во Евролигата и во АБА лигата.

Партизан во средата во Белградската арена ја совлада Црвена звезда со 85-82 по продолжение, а победата ја донесе тројката на Алесандро Пајола 17 секунди пред крајот. Црно-белите по седум кола во Евролигата имаат четири победи и три порази.