Македонските танчари од студиото „Еурека“ втора година по ред се светски шампиони. Групата од 52 танчари го освои златниот медал на Светскиот куп на ИДО во категоријата „Продукција“, кој се одржува во полскиот град Келце.
Македонските претставници настапија со осумминутната авторска кореографија „Notes to myself“ на Ања Јолакоска, со која го убедија стручното жири. По прогласувањето, танчарите со многу емоции и солзи во очите ја пееја македонската химна, а снимката од прославата ја објавија на својот профил на Инстаграм.
„Светско злато за Македонија. Историски успех. Македонијо, има на што да се радуваме и гордееме. Ова се нашите деца. Се пееше химната и се вееше македонското знаме во Полска“, напишаа од студиото „Еурека“.
„Втора година по ред Еуреки светски шампиони во категоријата Продукција. Благодариме што верувате во секој еден од нас“, додадоа од танцовото студио.
Македонските танчари на натпреварувањето освоија уште два медала. Кореографката Ања Јолакоска стана светска вицешампионка во категоријата All Style Battles за возрасни, што е најдобар пласман на македонски танчар во оваа дисциплина досега, а бронзен медал освоија танчарите во категоријата All Styles Battles за јуниори, во конкуренција од 64 учесници.
Успех на светската сцена оствари и осумгодишната Нина Талеска од Прилеп, членка на студиото Break a Leg. Таа го освои второто место во категоријата хип-хоп соло за најмладите, што е најголем успех за Македонија во оваа категорија.
„Овој успех е резултат на огромна посветеност, дисциплина и напорна работа. Горда сум на Нина и верувам дека ова е само почеток на нејзините големи успеси“, изјави нејзината тренерка и кореографка Андријана Петковски.
Светското првенство, во организација на Меѓународната танцова организација, трае од 17 до 24 октомври и обединува околу 4.000 танчари од 34 земји. Резултатите од натпреварувањата се објавуваат на официјалната страница на ИДО.
















