Букајо Сака сигурно нема да игра денеска против Евертон, а во Арсенал стравуваат дека англискиот репрезентативец ќе отсуствува подолго време. Менаџерот Микел Артета на прес-конференцијата пред натпреварот од Премиер лигата призна дека сè уште не е позната точната сериозност на повредата.
Сака се повреди во средата, при ремито 2-2 со Баерн во Минхен во Лигата на шампионите. Крилниот напаѓач почувствува болка во мускулот на левиот квадрицепс при едно додавање, без контакт со противник, и по само десетина минути игра мораше да го напушти теренот.
„Попладнево ќе има уште една магнетна резонанца, бидејќи во таа област имаше доста течност и беше тешко да се процени колку е сериозна повредата. Веројатно утре ќе знаеме повеќе“, изјави Артета, пренесува официјалниот сајт на Арсенал.
„Потребни ни се уште неколку снимања и мислења од специјалистите. Очигледно, кога играч мора да го напушти теренот, кога тешко оди без болка и има ограничено движење, тоа не се добри знаци. Да бидеме малку трпеливи за да дадеме конечна проценка“, додаде шпанскиот стратег.
Според Гардијан, во клубот се плашат дека станува збор за кинење од втор степен, поради кое Сака би можел да паузира до шест недели. Би-Би-Си пишува дека Арсенал стравува од отсуство и до два месеци, но клубот сè уште официјално не соопштил рок за враќање.
Артета беше прашан и дали честите повреди влијаат врз стилот на игра на 25-годишниот фудбалер. „Не знам што ќе се случи во иднина. Имаше проблеми со мускулите, но и со тетивите, што е нешто друго. Тоа не е случај само со Букајо, туку и со многу други играчи“, рече тој.
Според „Гардијан“, Сака од септември 2023 година имал 11 различни повреди, а минатата сезона подолго отсуствуваше поради проблеми со задната ложа, колкот и Ахиловата тетива. „Последната година е секако поинаква, но барањата кон играчите се огромни, а времето меѓу натпреварите е сè пократко“, објасни Артета.
Менаџерот на „топџиите“ е задоволен од реакцијата на Еберечи Езе во Минхен, а најави и минутажа за младиот Макс Даумен. Пјеро Инкапие и Рикардо Калафиори се подготвени за настап.
Арсенал игра против Евертон денеска од 16 часот по македонско време на стадионот „Емирејтс“.
















