Олимписката и светска шампионка во маратон, Перес Џепчирчир, е привремено суспендирана поради допинг. Единицата за интегритет во атлетиката (АИУ) соопшти дека во примерок од 33-годишната Кенијка е пронајден еритропоетин (ЕПО), забранета супстанција што го зголемува бројот на црвените крвни зрнца.
Примерокот е земен надвор од натпревар во Кенија, пред нејзината победа на маратонот во Сиднеј на 30 август оваа година. Џепчирчир таму победи со време од 2:18:31, со предност од повеќе од три минути пред сонародничката Ирене Чептаи, пренесува Асошиетед прес.
Кенијката е една од најуспешните маратонки во последните години. Таа го освои олимпиското злато на Игрите во Токио, а во септември 2025 година, повторно во јапонската престолнина, стана и светска шампионка. Во кариерата има победи на големите маратони во Њујорк (2021), Бостон (2022), Лондон (2024) и Сиднеј (2026), а светскиот рекорд во полумаратон го собори во 2017 година и уште трипати во 2020 година, пишува Би-Би-Си.
Атлетичарката има право да побара анализа на Б-примерокот. Случајот може да продолжи со официјално обвинение или да биде затворен по истрагата, наведува Атлетикс викли.
Организаторите на маратонот во Сиднеј во официјалното соопштение изразија големо разочарување од веста. „Џепчирчир има право на правична постапка и нема да даваме дополнителни коментари додека таа не заврши“, се вели во соопштението, во кое организаторите потсетуваат дека заедно со другите големи маратони вложиле во зголемено тестирање надвор од натпревар.
Ако Џепчирчир на крајот добие казна од три или повеќе месеци, според правилата на големите светски маратони, доживотно ќе остане без право на настап на сите осум трки од серијата, потсетуваат организаторите од Сиднеј. Случајот го пренесе и Ал Џезира.
Ова е уште еден тежок удар за кениската атлетика, која во последните години се соочува со голем број допинг-случаи, особено во тркачките дисциплини на долги патеки.
















