Хетафе му понудил договор на англискиот крилен напаѓач Џејдон Санчо, но поранешниот играч на Манчестер Јунајтед ќе мора да прифати огромно намалување на платата ако сака да заигра во Ла Лига. За тоа пишуваат британските и шпанските медиуми.
Според „Телеграф“, на кој се повикува Токспорт, Санчо добил официјална понуда од шпанскиот клуб нешто повеќе од една недела по првиот контакт. Хетафе му нуди околу 10.000 фунти неделно, додека во Манчестер Јунајтед, според британските медиуми, заработувал околу 250.000 фунти неделно.
Шпанскиот Естадио Депортиво, повикувајќи се на „Атлетик“, пишува дека станува збор за договор до крајот на сезоната, вреден околу 400.000 евра, односно приближно 12.000 евра неделно.
Санчо е без клуб откако во јуни му истече договорот со Манчестер Јунајтед. Последен пат заигра во мај, кога како позајмен играч на Астон Вила одигра девет минути во финалето на Лига Европа. Претходно беше позајмуван и во Челзи и во својот поранешен клуб Борусија Дортмунд.
Според британските медиуми, 26-годишниот Англичанец е привлечен од идејата да игра во Шпанија, но пред да донесе конечна одлука, сака да се сретне со тренерот Хосе Бордалас за да дознае каква улога би имал во екипата.
Претседателот на Хетафе, Анхел Торес, уште на 15 октомври ги потврди преговорите. „Разговараме со Санчо, како што правевме и пред три или четири месеци. Парехо исто така може да биде опција“, изјави Торес за Мовистар.
Трансферот, сепак, би можел да се закомплицира поради правилата на Ла Лига за финансиска контрола. Независна комисија на лигата ја одредува минималната прифатлива плата за секој нов играч врз основа на возраста, кариерата, претходните примања и пазарната вредност, а Хетафе имаше проблеми со истите правила и при доведувањето на Дани Карвахал овој месец.
Манчестер Јунајтед во 2021 година го доведе Санчо од Дортмунд за околу 85 милиони евра, но Англичанецот никогаш не го оправда вложувањето на „Олд Трафорд“.
















