Тотенхем дојде до голема победа во лондонското дерби од Премиер лигата. Тимот на Роберто Де Зерби го совлада Челзи со 2-0 на Стемфорд Бриџ, по автогол на голманот Мајк Пендерс и прекрасен гол на Матис Тел.
Гостите го контролираа поголемиот дел од натпреварот и во првото полувреме имаа околу 70 отсто посед на топката, но долго време не успеваа да ја пробијат одбраната на домаќините.
Мрежата се затресе во 77мата минута. По корнерот на Матеус Фернандеш, Пендерс под притисок се обиде да ја избие топката со тупаница, но ја внесе во сопствената мрежа. Пендерс, кој го започна својот прв натпревар во Премиер лигата, стана вториот голман на Челзи со автогол во ова натпреварување, по Петр Чех во 2009 година.
Неколку минути подоцна, ситуацијата за Челзи стана уште потешка. Кол Палмер доби втор жолт картон по прекршок врз Конор Гелагер и беше исклучен. Тотенхем ја искористи бројчаната предност и во 87мата минута Тел, по самостојна акција, ги постави конечните 2-0.
Тотенхем, кој рано во второто полувреме го загуби Џејмс Мадисон поради повреда, дојде до втората победа на Стемфорд Бриџ во последните 34 години. Ова е и прва победа без примен гол на овој стадион од декември 1986 година.
Де Зерби го опиша настапот како комплетна игра. „Клучот за нашиот клуб и за тимот е менталитетот. Мислам дека сега напредуваме во менталитетот, има поинаква атмосфера и поинаква врска со играчите“, изјави тој за официјалната страница на Тотенхем.
Тренерот на Челзи, Хаби Алонсо, застана зад својот голман. „Заедно победуваме, заедно губиме. Го поддржуваме Мајк, тој ќе научи од ова“, рече Алонсо, според Еј-Ес-Пи-Ен, а за црвениот картон на Палмер призна дека „веројатно“ бил оправдан.
Извештај од натпреварот објави и Тотенхем.
















