Реал Мадрид пред вечерашното Ел Класико на Камп Ноу остана без првиот голман. Тибо Куртоа нема да игра против Барселона поради грип, соопшти белиот клуб во неделата наутро, само неколку часа откако беше објавен списокот на повикани играчи.
„Куртоа отпаѓа во последен момент од вечерашниот натпревар од 10тото коло на Ла Лига меѓу Реал Мадрид и Барселона поради грипозна состојба. Наместо него, во составот е повикан Илја Волошин“, се наведува во краткото соопштение објавено на официјалната страница на Реал Мадрид.
Местото меѓу стативите ќе го преземе Андриј Лунин. Според ESPN, 27-годишниот Украинец во изминатите сезони редовно ја имаше улогата на замена за Куртоа, вклучително и во походот на Реал до финалето на Лигата на шампионите во 2024 година.
Отсуството на 34-годишниот Белгиец е голем удар за екипата на Жозе Мурињо. Куртоа беше еден од најзаслужните за подобрата форма на Реал по репрезентативната пауза, а одлично издание имаше и во средата, во победата од 4-1 над РБ Лајпциг во Лигата на шампионите.
Мадриѓаните и онака доаѓаат во Барселона без Винисиус Жуниор, кој вечерва ќе го одлежи вториот од четирите натпревари казна во домашното првенство. Според Telemadrid, голманите во составот се Лунин, Местре и Волошин, а во нападот Мурињо може да смета на Мбапе, Ендрик, Брахим, Еспи и Јан Диоманде.
Барселона во дуелот влегува како лидер со максимални 27 бода од девет натпревари и 39 постигнати голови. Реал Мадрид е трет со 21 бод, по поразите на гостувањата кај Бетис и Атлетико Мадрид, додека Атлетико со саботната победа над Депортиво стигна до 25 бода.
Доколку тимот на Ханзи Флик слави и вечерва, предноста пред Реал ќе порасне на девет бода. Мадриѓаните, пак, со победа би ја намалиле разликата на три бода и би ја прекинале перфектната серија на каталонскиот тим оваа сезона.
Ел Класико на Камп Ноу почнува вечерва во 21 часот по македонско време.
















