Лиолиос се повлече од чело на грчката кошаркарска федерација

Вангелис Лиолиос на церемонија на ФИБА натпревар
Фото: Zafer / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Вангелис Лиолиос повеќе не е претседател на Грчката кошаркарска федерација (ЕОК). Првиот човек на грчката кошарка во неделата поднесе оставка и соопшти дека се повлекува од сите активности поврзани со кошарката додека трае судската постапка против него.

Лиолиос и неговиот близок соработник Јоргос Мавраганис пристигнаа во судската палата „Евелпидон“ во Атина околу 10 часот по локално време, каде што требаше да дадат исказ пред истражниот судија во врска со аферата со наместени натпревари, која во Грција е позната како „баскетгејт“.

Според грчкиот весник Та Неа, Лиолиос пред сослушувањето изјавил: „Поднесувам оставка од функцијата претседател на ЕОК, се повлекувам за да може кошарката да функционира“. Одлуката важи до завршувањето на судската постапка.

Порталот Eurohoops пишува дека Лиолиос ги известил властите со писмена изјава, која била презентирана за време на сослушувањето. Тој и Мавраганис се обвинети за поткуп и местење натпревари, а со неговото повлекување се отвора патот за избор или именување нов претседател на федерацијата.

Истрагата опфаќа период од десет години, од 2016 до 2026 година, а во неа се вклучени шестмина осомничени кои се товарат за поткуп и незаконско влијание врз околу 50 сомнителни натпревари. Лиолиос ги негира сите обвинувања, а неговата одбрана тврди дека нема докази што го поврзуваат со местење кошаркарски натпревари.

Управниот одбор на ЕОК по вонредната седница издаде соопштение во кое наведува дека заседава постојано, двапати дневно, за да се обезбеди непречено одвивање на сите првенства и натпреварувања. „Се наоѓаме во состојба на целосна и постојана подготвеност и внимателно ги следиме настаните“, се вели во соопштението.

Во грчките медиуми како најсериозен кандидат за нов претседател се споменува легендарниот Панајотис Јанакис, поранешен репрезентативец и селектор на Грција. Според Eurohoops, Јанакис треба да даде исказ во случајот во понеделник.

Аферата ја потресе кошарката не само во Грција, туку и во цела Европа. Лиолиос беше приведен минатата недела, а неговата оставка доаѓа во момент кога грчката кошарка бара нов почеток и личност со беспрекорна репутација која ќе ја води федерацијата.