Тиквеш и Брегалница со победи во 11тото коло од Првата лига

Градскиот стадион во Штип, домашен терен на Брегалница
Фото: Dandarmkd / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Тиквеш и Брегалница во неделата славеа во натпреварите од 11тото коло на Првата македонска фудбалска лига. Кавадарчани на свој терен го совладаа Башкими со 3-1, а Брегалница во Гостивар го победи Арсими со 4-3 со гол во самата завршница.

Во Кавадарци првото полувреме заврши без голови. Голманот на Башкими, Алиу, имаше неколку добри интервенции, а Висдом ја погоди пречката. Сликата се промени по влегувањето во игра на Сила од клупата, кој ја затресе мрежата во 51вата и 53тата минута.

Сила потоа беше и асистент на Фал, кој во 63тата минута го постави резултатот на 3-0. Напаѓачот на Тиквеш стигна до десет голови во сезоната и е најдобар стрелец во првенството. Лусианињо во 73тата минута пропушти шанса за уште поубедлива победа, а Лимани во 88мата минута го постигна почесниот гол за Башкими.

Многу повозбудливо беше во Гостивар, каде што паднаа седум голови. Според официјалниот извештај на ФФМ, Каба Јакупи му донесе водство на Арсими во 21вата минута, Коцев изедначи во 25тата, а Глигоров во 39тата минута ја доведе Брегалница во водство.

Велковски со глава во 49тата минута го зголеми водството на гостите, но Арсими одговори со головите на Гони, исто така со глава, во 59тата и на Рамадани во 64тата минута. Домаќините во 70тата минута можеа и да поведат, но ударот на Гаје беше исчистен од гол-линијата.

Победата на Брегалница ја донесе Натаниел, кој во 93тата минута со глава по корнер го постигна голот за 3-4. Тоа е прва гостинска победа на штипјани во сезоната, а со 13 бода тие се на седмото место, три бода пред Арсими.

Во другите натпревари од колото, Силекс во петокот ја совлада Шкендија Арачиново со 2-0, Шкендија и Вардар одиграа 0-0, а Струга го победи Скопје со 4-0.

На врвот на табелата е Шкендија со 24 бода, Струга има 23, Вардар 21, а Тиквеш 20 бода. Следуваат Силекс со 16, Шкендија Арачиново со 14, Брегалница со 13, Арсими со 10, Башкими со седум и Скопје со три бода. Тиквеш во следното коло гостува кај Шкендија Арачиново, единствениот тим што го победил оваа сезона.