Вардар го пречекува Мелсунген за крај на Лигата на шампионите

Навивачите на Вардар го пречекуваат тимот во Скопје
Фото: Виолетова / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Ракометарите на Вардар во среда го играат последниот натпревар во групната фаза на Лигата на шампионите. Во салата „Јане Сандански“ од 18:45 часот ќе гостува германскиот Мелсунген.

Скопјани немаат шанси за пласман во главната фаза, но сакаат да се збогуваат од елитното натпреварување со победа. Мотивот е зголемен по триумфот од 33:27 во Нант во минатото коло, кој ги донесе првите бодови во оваа кампања. Херој на тој натпревар беше голманот Милош Валах со 17 одбрани.

Мелсунген, пак, доаѓа во Скопје во борба за пласман меѓу најдобрите 12. Според табелата на ЕХФ Лига на шампионите, Германците, Плоцк и Нант имаат по шест бода, а Вардар два. Во главната фаза се пласираат првите две екипи од групата, а Вардар сезоната ќе ја продолжи во Европската лига.

„Го играме последниот меч од Лигата на шампионите. Ние немаме шанси за пласман понатаму, но Мелсунген има. Посакувам токму сега две победи во низа. Гладни сме за победа“, изјави Валах на денешната прес-конференција.

Валах додаде дека екипата ја очекува многу важна недела, бидејќи по Мелсунген следува и дуелот со Пелистер во домашното првенство.

Тренерот Иван Чупиќ потенцираше дека Вардар има долг кон публиката. „По два порази дома годинава, гордоста ни е повредена и на нас и на навивачите, а токму тие заслужуваат да ја завршиме Лигата на шампионите со победа“, рече Чупиќ.

„Мелсунген ќе дојде во Скопје за да избори пласман во ТОП 12 фазата. Ние мора да покажеме дека салата ‘Јане Сандански’ ќе биде неосвоива тврдина и понатаму, во мечевите од Европската лига“, додаде тренерот на Вардар.

Билетите за натпреварот се во продажба по цена од 500 денари.