Ломаченко се враќа во рингот, прво против Чарли Суарез

Василиј Ломаченко во репрезентативна опрема на Украина
Фото: KuRaG, Ahonc / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Василиј Ломаченко официјално се враќа во професионалниот бокс. Украинецот, кој ја заврши кариерата во јуни 2025 година, објави дека сака уште еднаш да се обиде да стане апсолутен светски шампион, овој пат во категоријата до 130 фунти (58,9 килограми), пренесува BoxingScene.

„Едно утро се разбудив и помислив: сега имам 38 години и треба уште еднаш да се обидам да станам апсолутен шампион. Ако чекам до 40 или 41 година, ќе биде предоцна. Затоа одлучив да се вратам“, изјави Ломаченко во преносот на DAZN, додека го следеше дуелот меѓу О’Шаки Фостер и Емануел Наварете.

Поранешниот светски шампион во три категории објасни дека се повлекол бидејќи бил уморен од боксот и дека лесната категорија до 135 фунти не била неговата природна тежина. „Сега се враќам во категоријата до 130 фунти, мојата природна тежина. Затоа сум подготвен“, рече Украинецот.

Суарез прв на ред

Првиот противник по паузата би требало да биде Филипинецот Чарли Суарез, кој исто така има 38 години. „Мојот следен чекор ќе биде борба со Суарез. Тоа ќе биде мојата прва борба по одморот, а потоа ќе видиме како ќе се чувствувам“, изјави Ломаченко за Fight Hub TV, пренесува Boxing News. Датумот и местото на борбата засега не се познати, а дел од американските медиуми го спомнуваат и Ентони Кекаче како можен противник.

Суарез е еден од водечките предизвикувачи во категоријата, а во мај 2025 година неговата борба со Наварете беше прекината во осмата рунда и прогласена за „без одлука“.

Целта е Фостер

Крајната цел на Ломаченко е американецот О’Шаки Фостер, кој во саботата го совлада Наварете на поени и на својот појас на WBC ги додаде и појасите на IBF и WBO. На прашањето дали би се борел со Фостер, Украинецот одговори кратко: „Апсолутно“. Четвртиот појас, оној на WBA, го држи Ентони Кекаче, кој на 19 декември ќе го брани против Ник Бол, наведува DAZN.

Ломаченко последен пат се бореше во мај 2024 година, кога го совлада Џорџ Камбосос Помладиот со прекин во 11тата рунда и ја освои упразнетата титула на IBF во лесна категорија. Претходно загуби на поени од Теофимо Лопез во 2020 година и од Девин Хејни во 2023 година.