Поранешниот романски напаѓач Дуду Георгеску почина на 76-годишна возраст во Канада. Веста ја потврди Фудбалската федерација на Романија, која го нарече една од најважните фигури во историјата на романскиот фудбал.
Георгеску и денес е најдобриот стрелец во историјата на романското првенство, со 252 гола на 371 натпревар. Двапати ја освои Златната копачка како најдобар стрелец во Европа, во 1975 година со 33 гола и во 1977 година со 47 гола.
Роден е на 1 септември 1950 година во Букурешт. Кариерата ја започна во Прогресул, каде што дебитираше во првата лига на 11 јуни 1969 година, на 18 години и девет месеци. По краткиот престој во Решица, во 1973 година премина во Динамо Букурешт, клубот со кој ги постигна најголемите успеси.
Во десетте сезони во Динамо освои четири шампионски титули во Романија (1975, 1977, 1982 и 1983) и еден Куп во 1982 година. Со 207 гола на 260 првенствени натпревари и денес е најдобриот стрелец во историјата на клубот, а четири сезони по ред беше најдобар стрелец во првенството.
Во изборот за Златната топка го освои десеттото место во 1975 година и деветтото во 1977 година. За репрезентацијата на Романија одигра 40 натпревари и постигна 21 гол, пишува Медиафакс.
Кариерата ја заврши во 1988 година, по настапите за Бакау, Глорија Бузау, Флакара Морени, Мусцелул Кампулунг и Униреа Урзичени. Потоа работеше како тренер, меѓу другото во Зимбру од Кишињев и во Корвинул.
Георгеску во последните години живееше во Канада, во изнајмен стан во Торонто, каде што бил пронајден мртов, пренесува Про ТВ. Според романските медиуми, полицијата во Торонто ги истражува околностите на смртта, а официјалната причина сè уште не е соопштена, пишува Онлајн спорт.
Фудбалската федерација на Романија најави минута молчење пред натпреварите во натпреварувањата што ги организира, како и во втората и третата лига, а од неговиот Динамо порачаа: „Динамо не те заборава“.
















