Аталанта со пенал во надополнувањето до 4-4 против Интер

Франческо Пио Еспозито
Фото: NewMicrosoikos / Wikimedia Commons (CC0)

Аталанта и Интер одиграа еден од најлудите натпревари сезонава во Серија А. Двата тима ремизираа со 4-4 во Бергамо, а домаќините двапати се враќаа од негатива од два гола и до бод стигнаа со пенал во надополнувањето, пишува официјалната страница на Аталанта. Еден од стрелците за домаќините беше и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

Пио Еспозито беше херојот на Интер со три гола. Напаѓачот во 16тата минута ја искористи одбиената топка по ударот на Николо Барела, а во 32рата минута со глава по корнерот на Федерико Димарко погоди за 0-2.

Елмас веднаш ја врати Аталанта во игра. Во 35тата минута ја пречека одбиената топка по центаршутот на Никола Залевски и со силен удар со десната нога го совлада Жозеп Мартинез за 1-2.

Еспозито го комплетираше хет-трикот во 52рата минута, кога по додавањето на Маркус Тирам излезе сам пред голманот Марко Спортиело, кој во почетниот состав го замени Марко Карнесеки, повреден за време на загревањето. Шарл де Кетеларе со глава по корнер намали на 2-3 во 73тата минута, но Интер само три минути подоцна повторно стигна до предност од два гола, откако Петар Сучиќ реализираше пенал досуден поради играње со рака на Давиде Запакоста.

Де Кетеларе погоди уште еднаш во 81вата минута по додавањето на Роу, а во првата минута од надополнувањето судијата досуди пенал поради играње со рака на Алесандро Бастони. Франк Кесие сигурно го реализираше пеналот за конечни 4-4.

За Еспозито ова е прв хет-трик во Серија А и прв во дресот на Интер, а според Скај спорт, тој е првиот Италијанец по Кристијан Виери кој постигнал три гола за Интер на еден натпревар. Сепак, напаѓачот не можеше да се радува.

„Најфрустрирачко е што ја испуштивме победата. Имавме предност од два гола и не е доволно добро да не ги освоиме сите три бода во таква ситуација. Сега мораме да се фокусираме на Лигата на шампионите и веднаш да се вратиме“, изјави Еспозито за официјалната страница на Интер.

Со ремито Интер не успеа да го следи темпото на лидерот Лацио, а вечерта за екипата на Кристијан Киву дополнително ја влоши новата повреда на Хакан Чалханоглу, кој го напушти теренот во првото полувреме, пишува Кориере дела сера.