Вардар СЦЈС елиминирани од Челинџ Купот - По втор пат поразени од Хорс

Ракометарките на Вардар СЦЈС го завршија натпреварувањето во Купот Челинџ откако два пати загубија од шведскиот клуб Хорс.

Во реваншот во Скопје, гостинките победија со 26:20, a тоа беше нивна вторa победа во меѓусебните натпревари.

На првиот натпревар минатата недела Хорс победи со 26:13.

Вардарки добро тргнаа во натпреварот со водство 2:0, но тоа беше знак за будење на гостинските кои веднаш направија серија од 3:0 и поведоа со 3:2. Кога Х65 поведе со 6:4 беше знак за тренерот Симе Симовски да побара тајм аут надевајќи се дека нешто ќе смени во играта. Но, ништо не се смени, Вардар промашуваше а Хорс тоа го казнуваше. Во 24-та минута гостинките ја имаа и најголемата разлика „плус 6″ за водство до 12:6. Во следните шест минути нашите девојки успеаја да намалат на „подносливи минус три гола” 10:13 со кој резултат се замина на полувреме.

Само што почна второто полувреме Вардар покажа дека знае како да се справува со одбраната на Хор. Гостинките постигнаа гол за водство од 14:10, а потоа следуваше серија на Вардарки од 4:0 со што го израмнија резултатот на 14:14. Тоа беше знак за гостинскиот тренер за „минута одмор”, но потоа следуваше добра одбрана од Драгана Петковска, а нападот ја прокоцка шансата за водство. И повторно се вратија на старото, Хорс водеше, а Вардар израмнуваше.

Кратко траеше добрата серија на Вардар СЦЈС зашто гостинките повторно резултатски „избегаа”, овојпат на шест гола разлика, 18-23 во 51 минута. Таа „црна дупка” во играта на Вардарки се покажа како клучна за крајниот исход на натпреварот. Останаа само 8 минути до крајот и малку надеж барем со победа да се простат од Купот Челинџ. Хорс ја зголеми предноста потоа и на „плус 7″ во 57-ма минута поведувајќи со 26:19. До крајот само намалија на 20:26.