Анчелоти му одговори на Ромарио: Многу зборува, тоа е негово право

Карло Анчелоти
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, одговори на критиките на Ромарио, кој по поразот од Јапонија со 3-2 јавно побара Италијанецот да ја напушти клупата на репрезентацијата, пренесува Же-глобо.

„Тоа е слобода на изразување и во демократска земја секој може да има мислење. Ромарио даде мислење и тоа е право на секого, може да се кажуваат лаги, вистини или глупости. Вистината е дека Ромарио многу зборува и тоа е негово право“, изјави Анчелоти на прес-конференцијата во Сингапур.

Светскиот шампион од 1994 година го побара заминувањето на Италијанецот во објава на социјалните мрежи и побара реакција од претседателот на Бразилската фудбалска федерација, Самир Шауд, пренесува Болавип.

„Ова е нова работа, многу ми се допаѓа тоа што го правиме, но мојата оценка е дека тоа не е доволно. Морам да направам повеќе и ќе направам повеќе. Ми се допаѓа да бидам тука и морам да бидам подобар за репрезентацијата повторно да биде конкурентна“, рече Анчелоти, кој по вториот пораз од Јапонија и раното испаѓање од Норвешка во осминафиналето на Светското првенство е под силен притисок.

Италијанецот нагласи дека сега е период на тестирање нови играчи и ги спомена Габриел Бонтемпо, Андре и Џонатан Жезус. „Не оди заедно да се прават тестови, да се подмладува и тимот да биде готов“, додаде тој, признавајќи дека против Јапонија најголемите проблеми биле во одбраната.

Бразил во вторник во 11 часот по нашето време, на Националниот стадион во Сингапур, го игра последниот натпревар во годината против домаќинот. Анчелоти е казнет и нема да биде на клупата, а ќе го замени неговиот помошник Франческо Маури. Во нападот ќе играат Естевао, Ендрик и Винисиус, при што Ендрик го заменува Рафиња, пренесува Си-ен-ен Бразил.

Тоа ќе биде 22риот натпревар на Бразил под водство на Анчелоти, кој досега има 12 победи, четири нерешени натпревари и пет порази, со гол-разлика 47-21.

„Останува фрустрацијата што не го добивме натпреварот, но сме во период на подготовка со многу нови играчи. Се запознаваме. Јапонија имаше 15 или 16 играчи од Светското првенство, а ние немавме толку“, изјави Винисиус Жуниор, кој на заедничката прес-конференција застана зад селекторот.