Репрезентацијата на Таџикистан, предводена од македонскиот селектор Игор Ангеловски, славеше со 1-0 како гостин против Кина на пријателскиот натпревар на стадионот Лунгсинг во Чунгкинг. Единствениот гол го постигна дефанзивецот Вахдат Ханонов во 53та минута, објави Sky Sports.
Голот дојде по акција по кратко изведен корнер. Ехсони Панџшанбе шутираше силно од работ на казнениот простор, кинескиот голман Лиу Ѓиенцуо ја одби топката, но таа му падна пред нозете на Ханонов, кој не погреши, пишува VAVEL.
Само шест минути подоцна домаќините останаа со играч помалку. Веј Шихао во 59та минута доби втор жолт картон, откако главниот судија по консултација со ВАР го казни за удар со лакот врз противник, пренесува кинескиот Zhibo8. Веј и во првото полувреме беше опоменет по кавга со противнички играч.
Кина ниту со играч повеќе не успеа да го врати резултатот. За кинеската репрезентација ова е трет последователен пораз на пријателски натпревари, додека Таџикистан по поразите од Азербејџан (0-1) и Палестина (2-4) дојде до вредна победа на гостувањето.
Ангеловски почна со формација 4-2-3-1 и составот: Јатимов, Кароматулозода, Ханонов, Каримов, Исломов, Џурабоев, Умарбоев, Мабатшоев, Џалилов, Панџшанбе и Бобоев. Во второто полувреме направи повеќе измени, а во игра влегоа Рахимов, Курбонов, Хаитов, Шукуров, Бобоџонов и Иргашев, објави узбекистанскиот портал Zamin.
Натпреварот се играше во брзо темпо и со шанси на двете страни. Во првото полувреме Веј Шихао имаше обид од далечина што беше одбранет, а Лиу Јанг остана сам пред голманот, но бранителите на Таџикистан успеаја навреме да се вратат и да ја одземат топката.
За Ангеловски, поранешниот селектор на Македонија, ова е голема победа на клупата на Таџикистан и потврда за работата по тешките резултати во претходните натпревари. Победата над Кина на нејзин терен ќе му даде самодоверба на тимот пред официјалните квалификациски натпревари што следуваат.
















