Кими Антонели може уште овој викенд да ја освои титулата во Формула 1. На 20-годишниот возач на Мерцедес на Големата награда на Мексико, 19тата трка од сезоната, ќе му биде доволно да заврши на деветтото место или подобро за да стане светски шампион, пишува официјалниот портал на Формула 1.
Италијанецот во генералниот пласман има предност од 123 бода пред својот тимски колега Џорџ Расел. Дури и ако не освои бодови, Антонели ќе ја обезбеди титулата доколку ниту Расел ниту Луис Хамилтон не победат на трката на патеката „Ерманос Родригез“.
Со освојувањето на титулата Антонели би станал најмладиот шампион во историјата на Формула 1, наведува Би-Би-Си. На претходната трка во Остин тој ја забележа деветтата победа во сезоната.
Зад него, борбата за второто место е многу неизвесна. Расел, Хамилтон, Макс Ферстапен и Шарл Леклер се во распон од само десет бода. Мерцедес е блиску и до титулата кај конструкторите, со предност од 133 бода пред Ферари.
Програма на викендот
Првиот слободен тренинг е закажан за денеска во 19:30 часот, а вториот во 23:00 часот по македонско време. Во сабота третиот тренинг е во 18:30 часот, а квалификациите во 22:00 часот. Трката, која ќе се вози во 71 круг, стартува во недела во 21:00 часот.
На првиот тренинг неколку тимови ќе им дадат шанса на млади возачи. Фредерик Вести ќе го вози болидот на Расел, Николас Мини ќе седне во болидот на Франко Колапинто, Лук Браунинг ќе го замени Александер Албон, Ѕак Слејтер ќе вози наместо Габриел Бортолето, а Џак Крафорд наместо Ленс Строл.
Јубилеј за Перез пред домашната публика
Серхио Перез, кој оваа сезона вози за Кадилак, во Мексико ќе ја вози својата 300та трка во Формула 1. Патеката, долга 4,304 километри, е позната по разредениот воздух поради големата надморска височина, а асфалтот е обновен пред трката. Најмногу победи во Мексико има Ферстапен, вкупно пет, додека минатата година славеше Ландо Норис.
















