Атлетико Мадрид го совлада Манчестер Јунајтед со 2-0 на „Метрополитано“ во второто коло од Лигата на шампионите. Пабло Бариос го отвори резултатот уште во првата минута, а Адемола Лукман го постави конечниот резултат во 79тата минута, кратко откако Лени Јоро доби директен црвен картон. Јунајтед го забележа петтиот последователен натпревар без победа во сите натпреварувања, пренесува BBC Sport.
Гостите не успеаја ниту да влезат во натпреварот. Алекс Баена истрча зад одбраната по едноставна долга топка, влезе во казнениот простор и ја спушти топката до Бариос, чиј удар помина под Ејден Хевен и заврши во мрежата. Според Sky Sports, голот падна по само 47 секунди игра.
Бариос го прослави голот со шест кренати прсти, симболизирајќи го бројот на капитенот Коке, чија мајка почина неколку часа пред почетокот на натпреварот. Од клупата беше подигнат и неговиот дрес, пишува The Guardian.
Шанси за Јунајтед, греди за Атлетико
Јунајтед имаше можности за изедначување. Брајан Мбеумо во првото полувреме пропушти две добри шанси, Јан Облак одбрани удар со глава на Карлос Балеба, а капитенот Бруно Фернандеш најпрво промаши сам пред голманот, а подоцна ја погоди пречката. Атлетико, пак, двапати ја погоди рамката на голот, преку слободниот удар на Алехандро Грималдо и волејот на Хулијан Алварез на почетокот на второто полувреме. На крајот од првиот дел беше поништен и голот на Џони Кардозо, откако ВАР утврди дека Маркос Љоренте играл со рака во акцијата.
Клучниот момент се случи во 74тата минута. Јоро и Џонатан Дејвид се судрија додека трчаа кон голот. Судијата Глен Нибери првично не досуди прекршок, но по прегледувањето на снимката го исклучи францускиот стопер поради спречување чиста шанса за гол. Многу аналитичари ја оценија одлуката како строга. Неколку минути подоцна Сене Ламенс го одбрани ударот на Дејвид, а Лукман стигна до одбиената топка и ја затресе празната мрежа.
Лисандро го нападна раководството
Повеќе од самиот пораз одекна изјавата на Лисандро Мартинез за Amazon Prime по натпреварот. „Морам многу да се контролирам, но понекогаш ова е одраз на тоа каков е нашиот клуб во моментов. Минатата сезона имавме фантастична сезона и сега очекуваме повеќе од горе, да донесат повеќе играчи за да можеме да се натпреваруваме, бидејќи многу тимови донесоа многу играчи“, рече аргентинскиот стопер.
На прашањето дали очекувал поголеми вложувања во летниот преоден рок, Мартинез одговори: „Да, сто проценти. Очекувам повеќе од нашиот технички директор. Морам да бидам искрен. И ние како играчи мора да дадеме повеќе.“ Тој застана во одбрана на тренерот Мајкл Карик: „Почнувате да менувате, менувате, менувате тренери. Но што е со другите сектори? Вечерва е лесно да се обвини тренерот, лесно е да се обвинат играчите, но мора да погледнеме и во други области.“
Карик изјави дека не го видел интервјуто и дека веднаш по натпреварот не е вистинското време да зборува за тоа. „Мислам дека тоа е малку од емоциите на натпреварот, од разочарувањето што не освоивме ништо“, рече Карик. Јунајтед по две кола во Лигата на шампионите има три бода, а во недела му гостува на Лидс во Премиер лигата.















