Борусија Дортмунд по две ремија по ред се врати на победничкиот пат во Бундеслигата. Тимот на Нико Ковач во саботата на „Сигнал Идуна Парк“ го совлада Ајнтрахт Франкфурт со 1-0 и барем привремено се искачи на првото место на табелата.
Победата ја донесоа двајца резервисти. Максимилијан Баер, кој влезе во игра во 63тата минута, во 80тата минута го искористи додавањето на Џоуб Белингам, кој исто така влезе од клупата, и со прекрасен удар со десната нога ја испрати топката во далечниот агол од голот на Ноа Атуболу.
Дортмунд подобро го започна мечот, а Серу Гираси двапати во првите 20 минути го тестираше Атуболу, кој одлично реагираше. Франкфурт со текот на времето се врати во игра, а Грегор Кобел мораше да интервенира при шансата на Јунес Ебноуталиб, кој се најде сам пред голот, објави официјалната страница на Бундеслигата.
Гостите можеа да поведат веднаш по паузата, но Кобел го одбрани ударот на Фарес Шаиби. Гираси, на другата страна, со глава по корнер ја погоди пречката, а германскиот Kicker забележува дека Дортмунд и понатаму беше подобриот тим, иако долго не успеваше да го постигне победничкиот гол.
Ковач по еден час игра направи тројна измена и внесе свежина во нападот, а токму тие промени се покажаа како клучни. За најдобар играч на натпреварот беше прогласен Феликс Нмеча, кој беше насекаде на теренот.
„Вечерва беше многу забавно. Во второто полувреме не дозволивме ништо. Моментално не играме колку што можеме, но напредуваме. Следната недела одиме во Баерн и сакаме и таму да покажеме добра игра“, изјави одбранбениот играч Нико Шлотербек за германскиот „Скај“.
Дортмунд сега има 17 бода, а Баерн Минхен, кој има натпревар помалку, денеска гостува кај Фрајбург. Доколку минхенци не победат, Дортмунд ќе отпатува на Класикерот следната сабота како лидер, нешто што не му се случило од 26тото коло во сезоната 2022/23.
Пред дуелот со Баерн, жолто-црните во вторник го пречекуваат Вердер Бремен во второто коло од Купот на Германија. Натпреварот со Франкфурт го следеа 81.365 гледачи на распродадениот стадион, а судеше Свен Јаблонски, објави DFB.
















