Фудбалерките на Барселона го понижија Реал Мадрид со 7-0 во женското Ел Класико на „Спотифај Камп Ноу“. Натпреварот во неделата го следеа 40.533 гледачи, што е нов рекорд по посетеност во Лигата Ф, а ѕвезда на вечерта беше Клаудија Пина со четири гола, сите во првото полувреме.
Пина го отвори резултатот уште во 4та минута, и веднаш му покажа на Реал каква вечер го очекува, пишува официјалната страница на ФК Барселона.
Во 28та минута Пина беше најбрза до одбиената топка по ударот на Ева Пајор за 2-0, а во 32та минута го комплетираше хет-трикот по убава комбинација со Патри Гихаро. Само минута подоцна Граам Хансен постигна за 4-0, откако Аиша Камара ја одзеде топката, а Пајор асистираше.
Пина го постигна и четвртиот гол пред одморот, по комбинација со Пајор, со што стана првата играчка на Барселона која постигнала четири гола против Реал Мадрид.
Во второто полувреме Барселона продолжи со истиот ритам. Пајор во 55та минута ја заврши убавата акција на Граам Хансен за 6-0, а Сидни Шертенлајб во 88та минута го постави конечниот резултат со силен удар од далечина.
Ова е најубедливата победа во историјата на женското Ел Класико, пишува шпанскиот RTVE. Барселона го постигна тоа без Алексија Путељас и Салма Параљуело, а Аитана Бонмати, која имаше физички проблеми, влезе во игра во 60та минута.
Каталонките по шест кола имаат максимални 18 бода и пет бода предност пред Реал Мадрид, кој пред Ел Класико беше непоразен и се надеваше на прво место на табелата.
















