Реал Мадрид во саботата доживеа изненадувачки домашен пораз од Алавес со 1-2 во Ла Лига, а Џуд Белингам беше исклучен во завршницата на натпреварот поради симулирање. Со овој пораз заврши серијата од десет последователни победи на тимот на Жозе Мурињо во сите натпреварувања, пренесува Би-Би-Си.
Алавес поведе во 22рата минута, кога Тони Мартинез го искористи лошото додавање на Дин Хејсен и го совлада Тибо Куртоа. Гостите помислија дека ја удвоиле предноста на почетокот на второто полувреме преку Абде Ребах, но голот беше поништен поради офсајд.
Во 61вата минута Анхел Перез искористи нова грешка во одбраната на домаќините и постигна гол за 2-0. Килијан Мбапе по асистенција на Белингам намали на 1-2 во 69тата минута и најави драматична завршница.
Белингам, кој во 74тата минута доби жолт картон поради приговор, падна во шеснаесетникот во 88мата минута, по што судијата Сесар Сото Градо досуди пенал. По интервенцијата на ВАР и прегледувањето на снимката на мониторот покрај теренот, судијата ја промени одлуката, а англискиот репрезентативец доби втор жолт картон поради симулирање, наведува Еј-Ес-Пи-Ен.
Тоа е трет црвен картон за Белингам во Ла Лига, по исклучувањата против Валенсија и Осасуна во претходните сезони. Мурињо доби жолт картон уште пред паузата поради бурната реакција на една судиска одлука.
„Џуд по натпреварот рече дека е пенал, и кога играч ќе каже дека е пенал, морам да мислам дека е пенал. Пред две сезони овој судија го исклучи Мбапе, минатата сезона Винисиус, оваа сезона Белингам. Да видиме дали следната сезона ќе биде Куртоа. Мислам дека овој судија сака да ја покажува својата моќ. Но не сакам да кажам дека изгубивме поради судијата“, изјави Мурињо.
Реал ја имаше топката во свој посед повеќе од 74 отсто од времето, но не успеа да израмни. Ова е и прв домашен пораз на мадридскиот тим сезонава, пренесува Гардијан.
Реал останува на третото место со 33 бода, еден бод зад Атлетико Мадрид, кој претходно го совлада Елче со 3-2. Водечката Барселона има три бода повеќе од Реал и натпревар помалку, а денеска игра против Депортиво Ла Коруња, наведува Франс прес.
















