Македонскиот репрезентативец Мартин Томовски и неговиот Битигхајм доживеаја тежок пораз во швапското дерби од 10тото коло во германската Бундеслига. Штутгарт славеше со 39-29 во „Порше Арена“, по првото полувреме кое заврши со 16-15 за домаќините.
Гостите долго време беа рамноправен ривал. Првиот дел мина во изедначена борба со неколку промени на водството, а Каспер Лиен во последниот напад пред паузата му донесе минимална предност на Штутгарт, се наведува во официјалниот извештај на ТВБ Штутгарт.
По одморот домаќините целосно ја презедоа контролата. Макс Хефнер го отвори второто полувреме со гол за 17-15, а во 39тата минута Штутгарт веќе водеше со 24-19. Разликата постојано растеше и во 51вата минута изнесуваше шест гола, по погодокот на Мохамед Дармул за 30-25.
Ветеранот Каи Хефнер беше еден од најзаслужните за победата на Штутгарт. Со четвртиот гол на натпреварот тој стигна до 651 погодок во Бундеслигата во дресот на клубот и стана најдобар стрелец на Штутгарт во историјата на елитната лига, надминувајќи го Патрик Цикер.
Томовски, кој сезонава има повеќе забележителни настапи меѓу стативите на Битигхајм, овој пат немаше свој ден. Голманите на Штутгарт, Ел Тајар и Матеуш Корнецки, пак, забележаа важни одбрани во клучните моменти од второто полувреме.
„Во првото полувреме игравме разумно, но излеговме многу лошо од соблекувалната и одигравме многу, многу лошо второ полувреме. Во одбраната повеќе немавме пристап“, изјави тренерот на Битигхајм, Хартмут Маерхофер, за официјалната страница на Штутгарт.
„Во ред е да се загуби натпревар тука, но да се излезе со минус десет гола не одговара на нашите амбиции“, додаде Маерхофер. Битигхајм во следното коло игра на домашен терен против Ерланген.
















