Благодарност од Агенцијата за млади и спорт до репрезентативците Мојсовски и Миркуловски


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска на македонските ракометни репрезентативци Наумче Мојсоски и Филип Миркуловски им врачи плакети за постигнатиот особен успех и придонес во спортот.

Спасески, на денешната средба, на Мојсоски и Миркуловски им се заблагодари за сето она што го имаат направено за македонскиот ракомет, за македонскиот спорт и изрази надеж дека нема прерано спортски да се пензионираат и дека нивната работа во спортот и ракометот тука нема да застане, туки напротив, целокупното знаење и искуство ќе го пренесат на младите генерации.

Победата над Чешка, иако беше слатка, истовремено беше и горка, затоа што знаевме дека тоа беше последниот натпревар за двајцата наши спортски великани, луѓето кои со своето однесување, посветеност и работа покажаа како треба да се носи репрезентативниот дрес и беа вистински пример за сите останати спортисти. Наумче Мојсоски и Филип Миркуловски се наши ракометни величини, кои оставија траен белег во македонскиот ракомет и македонскиот спорт, воопшто. Како држава и како народ не задолжија и со своите настапи во репрезентацијата покажаа и докажаа како треба да се носи црвено-жолтиот дрес, како треба да се игра со срце и да се гине на терен и се вистински репер за младите и идни ракометари, рече Спасески.

Тој изрази честитки и благодарност на Македонската ракометна репрезентација за големиот успех и пласманот на Светското првенство, по вчерашната победа над Чешка, со која, како што рече, уште еднаш се потврди фактот дека ракометот е спорт број еден во нашата земја, а нашите ракометари се најголеми промотори и спортски амбасадори.

Миркуловски рече дека ова е убав гест од Агенцијата за млади и спорт и е доста значајно за нив како спортисти и долгогодишни репрезентативци.
– Ги задолживме младите. Има добри таленти и не се сомневам дека и они ќе продолжат да ги следат нашите чекори, да не носат на големи светски и европски натпреварувања, се надевам дека ќе го исполнат нашиот сон и ќе не однесат на олимпијада, рече Миркуловски.
Мојсоски изрази благодарност до Агенцијата и Владата за поддршката во изминатите години и за помошта за развојот на ракометот.
– Оваа селекција и овие момци вчера покажаа дека ракометот уште е број еден во оваа држава. Покажаа дека со оваа генерација и уште со некои подмладувања Македонија може да се носи со секого. Се надевам дека младите ќе продолжат со тоа, изјави Мојсоски.