Четири клуба од Премиер лигата подготвуваат тужби против Сити

Стадионот „Етихад“ на Манчестер Сити (Фото: Cléria De Souza / Wikimedia Commons, CC BY 2.0)
Фото: Cléria De Souza / Wikimedia Commons, CC BY 2.0

Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Тотенхем и Арсенал се подготвуваат за правна битка против Манчестер Сити, од кој ќе бараат отштета поради кршењето на финансиските правила на Премиер лигата. Според ексклузивните информации на „Гардијан“, вкупната вредност на барањата би можела да достигне стотици милиони фунти.

Јунајтед, Ливерпул и Тотенхем ја ангажирале истата лондонска адвокатска канцеларија, „Вигин“, специјализирана за медиуми, забава и технологија. Арсенал, пак, своето барање го подготвува со адвокатите од канцеларијата „ХФС Крамер“, со кои веќе соработува.

Според извор запознаен со случајот, клубовите што ја ангажирале „Вигин“ соработуваат меѓусебно и користат исти аналитичари за да го проценат обемот на загубите, но барањата ќе ги поднесат одделно, бидејќи штетата што ја претрпел секој од нив е различна.

Како што пишува „Манчестер ивнинг њуз“, четирите клуба ги забрзаа подготовките откако независната комисија во септември го прогласи Сити за виновен по 114 точки од обвинението за кршење на финансиските правила. Според комисијата, клубот меѓу 2009 и 2018 година користел фиктивни договори за вештачки да ги зголеми приходите. Сити поднесе жалба против пресудата.

Истите четири клуба уште во ноември 2024 година доставија правни известувања за да го заштитат своето право на отштета пред истекот на шестгодишниот рок на застарување. Челзи, кој е дел од таканаречената „голема шесторка“, тогаш не ангажираше адвокати и, според британските медиуми, оттогаш не започнал постапка.

Најголемо барање за отштета се очекува од Тотенхем, кој во периодот кога биле направени прекршоците четирипати остана без пласман во Лигата на шампионите поради пласманот на Сити, што, според британскиот печат, го чинело повеќе од 120 милиони фунти.

Арсенал во 2017 година заврши на петтото место зад третопласираниот Сити, по што следуваа шест години без настап во Лигата на шампионите. Лондончаните, според „Спортс илустрејтед“, би можеле да бараат дополнителна отштета и за петмината играчи што му ги продадоа на Сити во тој период, меѓу кои се Коло Туре, Гаел Клиши, Емануел Адебајор, Бакари Сања и Самир Насри.

Јунајтед и Ливерпул, пак, пресметуваат колку пари загубиле од награди, комерцијални приходи и бонуси откако завршија на второто место зад Сити во 2012, односно во 2014 година. Поранешниот финансиски советник на Сити, Стефан Борсон, тврди дека расправата по жалбата на клубот би требало да започне во средината на декември.