Црвена звезда го потврди доаѓањето на Кристијан Колоко: поранешниот центар на Торонто и Лејкерс првпат ќе игра во Европа

Кристијан Колоко во дресот на Аризона
Фото: MGoBlog / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Кристијан Колоко е ново засилување на Црвена звезда. Белградскиот клуб официјално го објави потпишувањето на договорот со 26-годишниот камерунски центар, кој по четири години во НБА лигата првпат ќе игра во Европа.

“Поранешниот центар на Торонто, ЛА Лејкерс и Мемфис пристигнува во Белград и ќе ја засили центарската линија на нашиот тим по обавените лекарски прегледи. Иако за неговите услуги беа заинтересирани бројни евролигашки клубови, тој одлучи црвено-белите да бидат првата европска станица во неговата кариера”, објави КК Црвена звезда.

Колоко е висок 211 сантиметри, роден е во Дуала, но кошаркарски се формирал во САД. Прво играл за две средни училишта во Калифорнија, а потоа три години настапувал за Универзитетот Аризона, кој има една од најпрестижните програми во колеџ-кошарката, каде што бил прогласен за најдобар одбранбен играч во конференцијата Пак-12.

На драфтот во 2022 година бил избран како 33ти пик од страна на Торонто Репторс, а подоцна настапувал и за Лос Анџелес Лејкерс, Мемфис, Сан Антонио и Атланта, како и за нивните тимови во Г лигата. Ова лето играл за Њу Орлеанс во Летната лига, но не добил долгорочен договор и останал без клуб.

Во Звезда го опишуваат како исклучително подвижен центар за својата висина, кој може да чува и значително пониски играчи. Во одбраната на рекетот му помага огромниот распон на рацете од речиси 230 сантиметри, а клубот очекува со неговото доаѓање да ја зголеми конкуренцијата на позицијата центар и да ја подобри одбраната на тимот.

Засилувањето пристигнува во вистински момент. Звезда од почетокот на сезоната има проблеми на позицијата центар, бидејќи и Џонатан Мотли и Ебука Изунду се повредени и ќе отсуствуваат одредено време, па клубот морал итно да реагира, пишува Еврохупс.

Според истиот извор, Звезда била најупорна во преговорите и успеала да ја надмине конкуренцијата од другите клубови. Црвено-белите по шест кола во Евролигата имаат учинок од четири победи и два порази и се во серија од четири последователни победи во елитното натпреварување.