Алехандро Давидович Фокина е шампион на Мастерсот во Шангај. Шпанецот во финалето го совлада сонародникот Рафаел Јодар со 1-6, 7-6(5), 6-4 по два часа и 28 минути игра и ја освои првата титула од серијата Мастерс 1000 во кариерата.
Јодар, 12ти носител на турнирот, одлично го почна мечот. Двапати му го одзеде сервисот на Давидович Фокина и убедливо го доби првиот сет со 6-1. Во вториот сет 20-годишниот Шпанец повторно имаше предност од брејк и водеше со 3-2, но Давидович Фокина веднаш возврати, спаси повеќе брејк-топки во продолжението и го доби сетот во тај-брејкот со 7-5. Во третиот сет беше подобар и го заврши мечот со 6-4.
„Немам зборови во моментов. Главата ми е празна, не знам што да кажам ниту како се чувствувам. Ова е огромно олеснување. По првиот сет морав да продолжам да се борам, како и на секој меч на турнирот. Во тај-брејкот повторно поверував во себе. Тој играше одличен тенис. Во третиот сет можеби бев малку подобар физички“, изјави Давидович Фокина.
Целиот турнир за 27-годишниот Шпанец, кој беше 25ти носител, помина во знакот на пресврти. Во третото коло спаси меч-топка против Американецот Франсис Тијафое, а против Хуберт Хуркач и против првиот носител Александер Зверев во полуфиналето стигна до победи по изгубен прв сет.
Ова е трета и најголема АТП титула за Давидович Фокина. Тој ги загуби првите пет финалиња во кариерата, меѓу кои и финалето на Мастерсот во Монте Карло во 2022 година, но сега победи во последните три. Годинава веќе триумфираше во Мајорка и во Ченгду, каде што се врати по двомесечна пауза поради повреда на грбот. На кинеска почва сега има серија од десет последователни победи.
Прочитајте и: Давидович Фокина го совлада Зверев и се пласира во финалето во Шангај
















