Давидович Фокина скокна 13 места до 13тото место на АТП листата, Ѓоковиќ падна на 12тото, Зверев заостанува 880 поени зад Синер

Алехандро Давидович Фокина на Ролан Гарос
Фото: si.robi / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Мастерсот во Шангај донесе големи промени на новата АТП листа. Алехандро Давидович Фокина, кој во неделата ја освои првата Мастерс титула во кариерата, скокна 13 места и сега е на 13тото место, највисоко во неговата кариера, додека Новак Ѓоковиќ падна за четири позиции и е 12ти.

Шпанецот до титулата во Шангај стигна со пресврт во финалето против сонародникот Рафаел Јодар, кого го совлада со 1-6, 7-6, 6-4, откако во полуфиналето го елиминираше првиот носител Александар Зверев. Давидович Фокина во Шангај пристигна како шампион од Ченгду, а со новата титула од 26тото место се искачи на 13тото, со 2.880 поени, исто колку што има и Американецот Тејлор Фриц, кој падна за две места на 14тото.

И поразениот финалист Јодар е на највисоката позиција во кариерата. Младиот Шпанец напредуваше за две места и е 11ти, со 3.234 поени, само 91 поен зад Французинот Артур Фис, кој се врати меѓу најдобрите десет. Со Карлос Алкарас на третото место, Шпанија сега има тројца тенисери меѓу првите 13, пишува Tennis Post.

Најголемиот губитник на неделата е Ѓоковиќ. Србинот во Шангај загуби уште во првиот натпревар од Хуберт Хуркач, па изгуби 390 поени и падна од осмото на 12тото место, со 3.090 поени. Ѓоковиќ, кој на почетокот на месецот во Пекинг ја освои 102рата титула во кариерата, во трката за Торино е 11ти, а на завршниот турнир ќе играат само првите осум.

Ѓоковиќ прифати специјална покана за турнирот од серијата 500 во Базел, кој почнува на 26 октомври, и таму ќе настапи првпат од 2011 година. Потоа следува Мастерсот во Париз од 2 до 8 ноември, последната шанса за освојување поени пред да бидат познати учесниците на завршниот турнир, кој ќе се игра од 15 до 22 ноември.

На врвот и понатаму е Јаник Синер со 10.950 поени, но Италијанецот поради повреда на коленото ја заврши сезоната. Зверев сега заостанува 880 поени, со 10.070, а според Tennis Majors, на кој се повикува Tennis Post, Германецот веќе го обезбедил првото место на крајот од годината, бидејќи Синер до крајот на 2026 година не може да освои нови поени.

Меѓу првите десет, Даниил Медведев напредуваше за едно место и е петти, а Флавио Коболи е шести. Феликс Оже-Алијасим, кој се откажа од Базел и од борбата за Торино, падна од петтото на седмото место. Алекс де Минор е осми, Франсис Тијафо деветти, а Фис десетти. Бен Шелтон е четврти, а Алкарас трет.

Досега пласман на завршниот турнир во Торино обезбедија само Зверев и Алкарас, а по откажувањето на Синер остануваат уште шест слободни места.