Агон Елези, кој е во одлична форма во дресот на Сараево, порача дека македонската репрезентација верува во позитивен резултат против Швајцарија. Во разговор за Екипа тој нагласи дека во овој момент постои само еден меч - саботниот на Националната арена „Тодор Проески“.
Македонија во Лига Б ја очекуваат четири натпревари против Швајцарија, Словенија и Шкотска. Првиот е на 26 септември во Скопје од 20:45 часот, потоа следуваат гостувањето кај Словенија на 29 септември, домашниот дуел со Шкотска на 3 октомври и вториот меч со Швајцарија на 6 октомври во Луцерн.
„Огромно е задоволството повторно да се биде дел од оваа репрезентација. Вистина е дека нè очекуваат четири многу тешки натпревари, но моментално за нас постои само еден, тој во сабота против Швајцарија. Мораме да се фокусираме само на себе, да не правиме грешки, затоа што секоја наша грешка може многу да нè чини“, изјави Елези.
Тој ја признава сериозната форма што Швајцарија ја покажа на Мундијалот, но инсистира на доверба во сопствените квалитети.
„Ние треба да се фокусираме на себе и да имаме доверба дека можеме да направиме позитивен резултат. Така и ќе влеземе во натпреварот“, додаде Елези.
Елези ја истакна и работата со новиот стручен штаб на Гоце Седлоски. Според него, најважно било да се создаде добра атмосфера и кохезија меѓу играчите, а тоа сега треба да се пренесе на теренот почнувајќи од сабота.
На собирот дополнително се приклучија Столе Димитриевски, Езџан Алиоски, Елмин Растодер и Христијан Малески, додека Дарко Чурлинов поради административни проблеми поврзани со престојот во Полска нема да биде на располагање за претстојните мечеви.
















