Викендов најинтересно во Серија А и на СП во ракомет ↓↓↓
ФФМ ги објави имињата на новите селектори за младинските фудбалски селекции, откако претходно беше вршена промена на тренерскиот кадар.
Димитар Капинковски е неодамна назначен за селектор на македонскиот тим до 18 години, кој е генерација од 2008 година. Тој има зад себе искуство како поранешен репрезентативец и тренер на клубовите Пелистер од Битола, Победа Прилеп и грузискиот Самтредиа. Сѐ до 2019 година, Капинковски, работеше како главен тренер во Националната фудбалска академија во Битола. Ѓорѓи Стојчев, кој освои двојна титула со Брера Академија Пандев (генерација 2008), ќе биде дел од стручниот штаб на Капинковски како асистент.
Позицијата на селектор на македонскиот тим до 17 години, генерација 2009, ѝ е доверена на Драган Начевски. Тој има искуство како поранешен репрезентативец и член на тренерскиот кадар во ФФМ Академијата, а работел и како асистент во тимот до 21 година. Минатата сезона, Начевски ги предводеше натпреварите на оваа генерација и сега ја добива можноста да ги води во претстојниот квалификациски циклус.
Горан Станковски е назначен како главен тренер на тимот до 15 години, генерација 2011. Со своето фудбалско искуство од играње во шампионската генерација на Слога Југомагнат, и на интернационално ниво во Русија, Турција, Белгија и Германија, тој има богата тренерска кариера која е најмногу поврзана со ФК Работнички. Станковски претходно бил селектор на македонските тимови до 17 и 19 години, а во 2018 година беше прогласен за најдобар тренер во младинскиот фудбал.
Илјами Исени е поставен како селектор на тимот до 16 години, генерација 2010. Минатата сезона, тој ги водеше оваа генерација на шест контролни и пријателски натпревари.