ФФМ поведе постапки против Шкендија Арачиново и Камјани поради лоша организација, извршниот директор Алими пријавен за закани кон судиите, четворица фудбалери суспендирани

Судија покажува црвен картон на фудбалски натпревар
Фото: Biser Todorov / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги објави одлуките по натпреварите од 10тото коло во Првата и 8мото коло во Втората македонска фудбалска лига. Поведени се дисциплински постапки против два клуба и еден клупски функционер, а четворица фудбалери добија суспензии.

Најтешка е ситуацијата кај Шкендија Арачиново 77. Против клубот е поведена постапка поради слаба организација на натпреварот од 10тото коло во Првата лига против Струга Трим Лум, односно поради присуство на неслужбени лица во службените простории на стадионот.

Постапка е поведена и лично против извршниот директор на клубот, Сулејман Алими, поради вербален напад и закани упатени кон судиската четворка по истиот натпревар. За овие постапки Дисциплинската комисија допрва ќе донесе конечни одлуки.

Во Втората лига постапка е поведена против Камјани, исто така поради слаба организација на натпреварот од 8мото коло против Кожуф.

Комисијата изрече и суспензии за четворица фудбалери. Најдолга казна доби Енис Дервиши од Камјани, кој ќе пропушти три натпревари. Суспензии од по два натпревари добија Мартин Тодоров од Шкендија Арачиново и Дарко Денков од Детонит, а Давид Ристовски од АП Брера Струмица ќе паузира еден натпревар.

Одлуките доаѓаат пред 11тото коло во Првата лига, во кое се игра и големото дерби меѓу Шкендија и Вардар во сабота од 14 часот во Гостивар. На врвот на табелата се Шкендија, Вардар и Струга Трим Лум, кои ја продолжија трката за првото место со победи во изминатото коло.