Кошаркарската федерација на Франција ќе испрати писмо до ФИБА поради изјавите на турскиот селектор Ергин Атаман за црните кошаркари во репрезентациите на Франција и Шпанија, кои во Франција беа оценети како расистички, пренесува Токбаскет.
Полемиката започна неделава, кога Атаман во интервју за турскиот Беин спортс зборуваше за статусот на Тарик Биберовиќ. Селекторот е незадоволен што ФИБА одбива да го промени статусот на кошаркарот роден во Босна и Херцеговина, кој долги години игра во Турција.
„Особено ако погледнете земји како Шпанија и Франција, ќе видите многу црни играчи. Тие донеле играчи од поранешните колонии и од други земји“, рече Атаман, според Еврохупс.
„Бев згрозен од паралелата што турскиот селектор ја направи меѓу бојата на кожата на играчот и неговата националност“, изјави претседателот на Француската кошаркарска федерација, Жан-Пјер Енклер. „Француската репрезентација во минатото мораше да трпи насилни расистички коментари. Ваквата неоправдана изјава може да ја поттикне и да ја храни расистичката реторика против која федерацијата постојано се бори.“
„Вакви зборови немаат место и се за осуда во секој поглед. Тоа што доаѓаат од толку почитуван тренер како Ергин Атаман е длабоко загрижувачко. Можам само да го повторам нашиот гнев и да ја потврдам безрезервната поддршка за секој играч што го носи дресот на Франција“, додаде Енклер. „Наскоро ќе биде испратено писмо до ФИБА за да може да се занимава со ова прашање.“
Атаман преку социјалните мрежи ги отфрли обвинувањата за расизам и посочи дека неговата критика се однесувала на правилата на ФИБА за правото на настап за репрезентација, а не на бојата на кожата на играчите.
Реагираше и францускиот репрезентативец Еван Фурние, кој на социјалните мрежи праша каква врска има бојата на кожата со националноста. Според францускиот портал Бебаскет, Биберовиќ и понатаму има статус на играч со ограничено право на настап, а според правилата на ФИБА, секоја репрезентација може да има само еден таков играч во конечниот состав, што не значи дека му е целосно забрането да настапува за Турција.
Француската федерација почека да заврши квалификацискиот натпревар против Естонија во петокот пред да реагира. Франција победи со 81-73 во Талин и си обезбеди пласман на Светското првенство во Катар во 2027 година. До саботата навечер немаше потврда дека ФИБА отворила дисциплинска постапка.
















