Гилџес-Александер сам ја прекина рекордната серија од 141 натпревар

Шеј Гилџес-Александер во дресот на Оклахома Сити Тандер
Фото: All-Pro Reels / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Шеј Гилџес-Александер сам одлучи да стави крај на една од најимпресивните серии во историјата на НБА лигата. Ѕвездата на Оклахома Сити постигна 17 поени во победата од 96-84 над Денвер и по 141 натпревар по ред во регуларниот дел од сезоната остана под границата од 20 поени.

Двократниот актуелен МВП на лигата имаше можност да ја продолжи серијата, бидејќи му требаа уште три поени, а до крајот на натпреварот остануваа нешто помалку од две минути. Сепак, при водство од 93-76 и на 1:43 минута до крајот, тој побарал од тренерот Марк Дејгнол да го замени, пишува ЕСПН.

Според Асошиетед прес, Гилџес-Александер штотуку погодил тројка со која стигнал до 17 поени и му донел на својот тим водство од 17 поени разлика, кога Денвер побарал тајм-аут. Канаѓанецот првично тргнал назад кон теренот, но откако тренерот на Нагетс, Дејвид Аделман, ги повлекол своите стартери, самиот седнал на клупата.

„Секогаш мора да ја почитуваш играта. Ако Господ даде, ќе имам уште многу натпревари за да почнам нова серија“, изјави Гилџес-Александер по натпреварот.

Тоа беше негов прв натпревар во регуларниот дел од сезоната со помалку од 20 поени по 30 октомври 2024 година. Минатата сезона тој го надмина долгогодишниот рекорд на Вилт Чембрлен, а серијата сега застана на 141 натпревар.

Вечерта во Оклахома воопшто не му одеше шутот. Ги промаши сите седум шута од игра во првото полувреме, а само двете погодени слободни фрлања го спасија од првото полувреме без постигнат поен уште од дебитантската сезона со Клиперс во 2019 година. Натпреварот го заврши со шест погодени шута од 19 обиди.

Денвер водеше во поголемиот дел од првите три четвртини, а во еден момент имаше и предност од девет поени. Тандер направија пресврт во третата четвртина, а во последната целосно ја презедоа контролата врз натпреварот. Најефикасен кај домаќините беше Џејлен Вилијамс со 21 поен, пренесува Ен-Би-Си спорт.

Ниту Никола Јокиќ немаше своја вечер. Српскиот центар го заврши натпреварот со 13 поени, седум скока и пет асистенции, при што погоди пет од 19 шута од игра. Кај Нагетс, кои го играа првиот натпревар од сезоната, најдобар стрелец беше Арон Гордон со 20 поени, додека Оклахома стигна до втората победа во два натпревари.