Луис Хамилтон нема намера наскоро да ја заврши кариерата во Формула 1. Седумкратниот светски шампион најави дека сака да вози барем до првата трка во Руанда, која, според Формула 1, ќе се одржи на почетокот на 2030-тите години.
„Сега сум принуден да останам многу подолго, бидејќи имаме трка во Африка, а тоа беше мојот сон, да возам во Африка. Значи, морам да продолжам да се борам да останам во форма ако можам. Ако и следната година можам да постигнувам добри резултати, ќе продолжиме“, изјави Хамилтон на прес-конференцијата пред Големата награда на САД, пренесува Гардијан.
Формула 1 минатата недела соопшти дека Руанда влегува во календарот со десетгодишен договор и нова патека во близина на главниот град Кигали. Африка последен пат беше домаќин на трка во 1993 година, на патеката Кјалами во Јужна Африка.
Хамилтон со години се залагаше за трка на африканскиот континент. „Имав безброј средби со засегнатите страни, многу средби со Стефано во неговата канцеларија во Лондон, но и за време на тркачките викенди. Многу телефонски разговори со претседатели на различни земји во Африка“, рече Британецот, пренесува Рејсинг њуз 365.
„За мене тоа е место што заслужува Голема награда. Не станува збор само за една земја, туку за целиот континент. Има толку многу прекрасни земји, луѓето се многу пријатни, а културата е богата“, додаде Хамилтон.
Хамилтон има 41 година и е во втората сезона со Ферари, со кој, според британските медиуми, има договор до крајот на 2027 година. Според Планет Ф1, првата трка во Руанда најверојатно би се возела во 2032 година, кога Хамилтон би имал 47 години.
Најстариот возач на гридот во моментов е 45-годишниот Фернандо Алонсо. Хамилтон последната титула ја освои во 2020 година, а викендов ги продолжува настапите на Големата награда на САД во Остин.
















