Маја Хвалињска е новата шампионка на ВТА 1000 турнирот во Вухан. Полската тенисерка во финалето ја совлада Британката Сонај Картал со 2-6, 6-4, 6-2 по два часа и 43 минути игра и стигна до првата титула во кариерата.
Картал, која на ВТА листата е дури 170та, одлично го започна финалето. Со ран брејк поведе со 2-0. Хвалињска го врати брејкот, но Британката повторно го одзеде сервисот на противничката, поведе со 4-1 и за 45 минути го освои првиот сет. Британката направи брејк и на почетокот на вториот сет, па изгледаше дека е на чекор од најголемиот успех во кариерата.
Хвалињска, шеснаесеттата носителка на турнирот, тогаш ја зголеми агресивноста во играта. Се врати во сетот и при 4-3 направи брејк. Картал веднаш одговори за 4-4, но Полјакинката повторно го одзеде сервисот на противничката и го изедначи резултатот во сетови.
Во одлучувачкиот сет првите четири гема беа поделени, а потоа Хвалињска ги освои последните четири. При сервисот за титулата спаси три брејк-топки и ја искористи меч-топката, пренесува ВТА.
“Многу сум среќна што ја освоив титулата тука. Ова многу ми значи и навистина сум благодарна за овој момент. Уживав во Вухан и едвај чекам да се вратам следната година”, изјави 25-годишната Хвалињска на прес-конференцијата.
Таа е дури четвртата тенисерка од 2009 година наваму која ја освојува првата титула во кариерата на турнир од категоријата ВТА 1000, по Наоми Осака (Индијан Велс 2018), Бјанка Андрееску (Индијан Велс 2019) и Викторија Мбоко (Монтреал 2025). Воедно, таа е првата леворака тенисерка со титула од категоријата ВТА 1000 по Петра Квитова во Мајами во 2023 година и третата Полјакинка со таков трофеј, по Агњешка Радвањска и Ига Свјонтек.
Патот до титулата не беше лесен. Хвалињска во второто коло се врати од заостанување од еден сет против Мари Бузкова, потоа ги совлада десеттата носителка Ива Јовиќ и Марија Сакари, а во првото целосно полско полуфинале на ВТА турнир во Опен ерата ја победи Свјонтек, откако во првиот сет спаси две сет-топки и при водство на противничката од 5-3 ги освои последните четири гема.
Полјакинката ја потврди одличната сезона во која стигна и до финалето на Ролан Гарос. За Картал, пак, ова беше најдобрата недела во кариерата по шестмесечната пауза поради повреда на грбот. Таа се надеваше дека ќе стане втората Британка по Јохана Конта со титула од категоријата ВТА 1000, наведува Скај спортс.
















