Селекторот на македонската репрезентација до 17 години, Иљами Исејни, го објави составот за квалификацискиот турнир што ќе се одржи во Трабзон, Турција, од 11 до 17 ноември. Македонија е во група со домаќинот Турција, Сан Марино и Унгарија.
На списокот се најдоа голманите Илан Мемети од Лозана, Димитар Петров од АП Брера и Петар Талески од Шкендија. Во одбраната се Матеја Масев од Црвена звезда, Амар Акики од Шкендија, Леарт Исеини од Бохум, Михајло Павлов од Железничар Панчево, Филип Ѓорѓиоски и Адријан Велески од Вардар и Илија Аксентиев од Македонија Ѓорче Петров.
Во средниот ред се Марин Крстевски од Црвена звезда, Александар Полимац од ИМТ, Дардан Адеми од Аресими, Матеј Бочески од АП Брера, Боби Недановски од Пелистер, Огнен Сивевски од Македонија Ѓорче Петров, Матеј Николов и Џихан Ибраими од Вардар и Благојче Седлоски од Скопје. Во нападот се Стефан Ристиќ од Партизан и Рон Мемеди од Беласица.
Распоредот во групата е следен: на 11 ноември Унгарија против Македонија од 10:00 часот, на 14 ноември Македонија против Сан Марино од 10:00 часот и на 17 ноември Македонија против Турција од 12:00 часот.
Собирот е закажан за 8 ноември во 10:00 часот во хотелот Парк во Скопје, а истиот ден во 14:00 часот е предвиден тренинг во центарот на ФФМ.
Според форматот на УЕФА за Европското првенство до 17 години, првите две репрезентации од секоја група се пласираат во втората квалификациска рунда во Лига А, а третопласираните и четвртопласираните продолжуваат во Лига Б. Втората рунда ќе се игра напролет во 2027 година.
Завршниот турнир е предвиден од 24 мај до 6 јуни 2027 година во Летонија. Исејни ќе смета на комбинација од домашни играчи и млади интернационалци кои настапуваат за клубови во странство.
















