Капело: Гвардиола остана без неколку титули во ЛШ поради неговата ароганција


Квалификации за ЕП во ракомет: Македонија спремна, Словенија може да падне! ↓↓↓


Легендарниот италијански тренер Фабио Капело изјави дека Барселона која ја предводеше Пеп Гвардиола означи една од трите „фудбалски револуции“ кои ги доживеал, но оцени дека ароганцијата и желбата да биде „главниот лик“, го спречиле шпанскиот тренер да освои повеќе трофеи во Лигата на шампионите.


„Навистина го ценев Гвардиола како тренер, направи убави работи. Доживеав три револуции во фудбалот, отприлика една на секои 20 години, Ајакс, Милан и Барса. Немам проблем да го кажам тоа”, изјави Капело во интервју за „Ел Мундо“.

Капело првпат го запознал Гвардиола кога Шпанецот кон крајот на играчката кариера преминал во Рома.

„Никогаш не разговаравме за ништо. Еден ден дојде и ми рече како да ја работам својата работа, а јас му одговорив: ‘Почни да трчаш и тогаш можеш да зборуваш’. Факт е дека се шеташе по теренот, а јас немав намера да го пуштам да игра наместо некој што го заслужил тоа повеќе. Тоа беше крај на дебатата“, рече поранешниот тренер на Милан, Рома и Реал Мадрид.

“Знаете ли што не ми се допаѓа кај Гвардиола? Неговата ароганција. Лигата на шампионите што ја освои со Манчестер Сити беше единствената во која не се обиде ништо чудно во одлучувачките натпревари. Но, други години, во Манчестер и Минхен, во клучните натпревари, секогаш сакаше да биде главниот лик. И таа ароганција го чинеше неколку титули во Лигата на шампионите. Го почитувам, но тоа јасно го гледам”, додаде тој.