Тренерот на Манчестер Јунајтед, Мајкл Карик, кој е под голем притисок, одржа емотивен говор од пет и пол минути на прес-конференцијата пред неделниот натпревар, а не ја исклучи ниту можноста капитенот Бруно Фернандеш да остане надвор од стартниот состав против Борнмут на „Олд Трафорд“.
Наместо вообичаено да седне и да одговара на прашања, Карик побара прво самиот да се обрати. Јунајтед е во серија од седум натпревари без победа, која кулминираше со шокантниот пораз од Комо со 4-1 во Лигата на шампионите во средата, по што Фернандеш јавно ја критикуваше тактиката.
„Во последно време немаме добар период, мислам дека тоа е очигледно. Средата беше лоша вечер и ме болеше да гледам како играме. Тоа беше неприфатливо“, рече Карик, пренесува Би-Би-Си.
„Мојата одговорност е на теренот да изведам екипа што го претставува овој клуб и навивачите и со чиј идентитет ќе можат да се гордеат. Во последно време се оддалечивме од тоа. Чувството дека нешто ни следува не смее да постои во овој клуб“, додаде тренерот.
На прашањето дали размислува да го остави Фернандеш на клупата, Карик одговори: „Најважни за мене се екипата, групата и односите во соблекувалната. Станува збор за фудбалскиот клуб. Секогаш ќе го правам она што е најдобро за клубот.“ Истиот одговор го повтори и на прашањето дали Португалецот ќе ја загуби капитенската лента.
По поразот од Комо, Фернандеш изјави за Скај Италија дека во клубот има „премногу фокус на она што е направено во минатото“. Од клубот неофицијално соопштија дека тој нема да ја изгуби капитенската лента ниту ќе биде казнет поради изјавите.
Карик тврди дека соблекувалната не е поделена. „Не, не е. Само треба да се вратиме на она што најдобро го правиме“, рече тој, додавајќи дека клубот прави сè за да им помогне на Фернандеш и на неговото семејство по провалата во нивниот дом во средата.
„Тоа што се случи во средата многу боли, но тоа не ме запира. Таа болка ја користам како мотивација да сакам и да очекувам повеќе и да тргнеме во друга насока“, заклучи Карик, кој како примери за скромност и напорна работа ги спомена Рајан Гигс, Вејн Руни и сер Алекс Фергусон.
















