Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, стана уште една жртва на провалите во домовите на познати фудбалери во Англија. Неговата куќа во Чешир била обиена во средата, додека португалскиот репрезентативец бил со екипата во Италија.
Фернандеш бил на натпреварот од Лигата на шампионите против Комо, кој Јунајтед го загуби со 4-1. Неговото семејство во тој момент не било дома, објави Би-би-си.
Според британскиот медиум, провалниците се задржале во куќата помалку од пет минути, пред на местото да пристигне полицијата. Од Би-би-си побарале изјава и од полицијата во Чешир во врска со инцидентот.
Според информациите, Манчестер Јунајтед му дава целосна поддршка на 32-годишниот капитен и на неговото семејство. Португалецот е во клубот од јануари 2020 година, кога пристигна од Спортинг.
Ова не е прв ваков случај. Слична ситуација доживеа и фудбалерот на Манчестер Сити, Рубен Дијаш, чиј дом во Чешир беше ограбен во јануари, додека тој играше на натпреварот од Лигата на шампионите против Галатасарај. Претходно жртви на кражби во истата област беа и Џек Грилиш, Рахим Стерлинг и Ријад Мерез.
Инцидентот се случи во турбулентен период за Фернандеш. По поразот од Комо, Португалецот јавно ги критикуваше тактичките одлуки на тренерот Мајкл Карик, но и понатаму останува капитен на тимот и нема да биде дисциплински казнет за своите изјави.
Сега Фернандеш, покрај спортските проблеми по тешкиот пораз во Италија, ќе мора да се справи и со непријатната ситуација во приватниот живот.
















