Дејан Кулушевски по 526 дена повторно ќе биде дел од составот на Тотенхем за официјален натпревар. Шведскиот репрезентативец со македонско потекло ќе седи на клупата во понеделник навечер, кога лондонскиот клуб го пречекува Ковентри во Премиер лигата.
Веста ја потврди менаџерот Роберто Де Дзерби на прес-конференцијата пред натпреварот. “Да, Кулушевски е на клупата. Имавме средба со медицинскиот тим, тие дадоа зелено светло и тоа е одлична вест. Мислам дека тоа е една од најубавите вести по натпреварот со Евертон минатата сезона, бидејќи Деки страдаше премногу. Заслужува да ги почувствува емоциите на теренот”, изјави италијанскиот стручњак, пренесе Тотенхем.
Де Дзерби откри и како му ја соопштил веста на 26-годишниот фудбалер. “Вчера по тренингот разговарав со него и му реков: Деки, разговарав со медицинскиот тим и ми дадоа зелено светло. Тој се насмевна вака. Ова не е фудбал, не зборувам за фудбал. Тој е посебен играч, но зборуваме за други работи. Многу страдаше и неговата реакција беше одлична”, додаде тренерот.
Кулушевски последен пат играше на 11 мај 2025 година, против Кристал Палас во Премиер лигата. Оттогаш го мачеше тешка повреда на коленото, поради која во март беше подложен и на втора интервенција. Поради повредата ја пропушти победата на Тотенхем во Лигата на Европа во 2025 година, целата мината сезона и летното Светско првенство, наведува Еј-Ес-Пи-Ен.
Неговото враќање доаѓа во вистински момент за Тотенхем. Лондончани се на дното на табелата без победа во првите шест кола, а против Ковентри ќе бидат без седум играчи, меѓу кои е и суспендираниот Родриго Бентанкур.
Во меѓувреме, Тотенхем остана и без Савио, кој пред заминувањето на подготовките во Марбеља доби мускулна повреда и ќе отсуствува неколку недели, како и без Лукас Бергвал, кој поради проблем со коленото ќе паузира околу две недели. Позитивни вести има за десниот бек Педро Поро, кој би можел да биде на располагање за гостувањето кај Челзи следната сабота.
“Ковентри е добар тим, одигра фантастична сезона во Чемпионшипот. Но, ние сме Тотенхем. Сакаме да покажеме дека сме доволно добри за да добиваме натпревари”, рече Де Дзерби.
Кулушевски уште на почетокот на октомври одигра тренинг-натпревар 11 на 11, што беше првиот голем чекор кон враќањето. Натпреварот меѓу Тотенхем и Ковентри е закажан за понеделник во 21 часот по македонско време.
















