Шарл Леклер беше најбрз на двата слободни тренинга пред Големата награда на САД во Формула 1. Возачот на Ферари на вториот тренинг на патеката „Сиркит оф д Американс“ во Остин постави време од 1:35.291 и за само 42 илјадитинки од секундата го надмина Кими Антонели од Мерцедес.
Трет беше Макс Верстапен (Ред Бул), со заостанување од 0,189 секунди, четврти Луис Хамилтон, а петти Џорџ Расел. Меѓу првите десет се пласираа и Лијам Лосон, Ландо Норис, Оскар Пијастри, Исак Хаџар и Оливер Берман, според официјалните резултати на Формула 1.
Тренингот го одбележаа бројните избришани кругови поради излегување надвор од границите на патеката. Расел беше под истрага откако го истурка Леклер од патеката, но судиите одлучија дека не е потребна дополнителна казна. Антонели, пак, се жалеше на проблеми со седиштето.
Ферари во Остин донесе надградба на болидот, насочена кон новиот под, но Леклер ги намалува очекувањата. „Се чувствуваше добро, но добивката не е онаа што ја видов или слушнав. Тоа се мали придобивки, но сепак ги гледаме на болидот. Тоа е мал чекор напред и викендот го почнавме на вистинската нога, со добар баланс“, изјави Монеганецот за Би-Би-Си.
„Имав многу чист петок, но другите изгледа добиваат повеќе од нас од петок до сабота, а со оглед на малата разлика, утре нема да биде толку лесно“, додаде Леклер, кој се пожали и на подлогата. „Беше многу лоша. Првиот сектор е особено лош и многу нерамен“.
Според Би-Би-Си, Верстапен остави најдобар впечаток во симулациите на трка, кога беше најконзистентен меѓу возачите на меки гуми. Норис беше најбрз во долгите серии, но возеше на тврди гуми и призна дека болидот на Мекларен е премногу тежок за возење.
Антонели, кој во генералниот пласман води со 102 бода пред тимскиот колега Расел, има математичка шанса да ја освои титулата уште во Остин. За тоа мора да победи на трката, а Расел да заврши под осмото место и Хамилтон под четвртото.
Тројца возачи ќе стартуваат од пониски позиции поради користење повеќе делови од моторот отколку што е дозволено. Арвид Линдблад ќе биде казнет со пет места, Габриел Бортолето со 20, а Франко Колапинто со десет места.
Третиот слободен тренинг е денеска во 19:30 часот по македонско време, а квалификациите почнуваат во 23 часот.
















