Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, на прес-конференцијата пред утрешниот шлагер од Лигата на шампионите против Барселона не ја криеше поврзаноста со клубот во кој поминал голем дел од кариерата, но јасно порача дека во Парк де Пренс ќе игра за победа.
„Член сум на клубот, бев играч и тренер на Барселона, а имам и силна врска со Каталонија, бидејќи моето семејство е каталонско. Порано ми беше тешко да играм против Барса, но почнувам да се навикнувам. Секогаш ја гледам Барселона, тоа е клуб со јасни вредности кои ми се допаѓаат. Не посегнува по грубост, а играчите покажуваат фер-плеј. Но, сега сум навивач на ПСЖ и сакам утре да победиме“, изјави шпанскиот стратег, пренесува Yahoo Actualités.
Луис Енрике не се согласи со оценката дека станува збор за предвремено финале на натпреварувањето. „Не, бидејќи токму ова натпреварување ни овозможува да играме вакви натпревари. Ние сме меѓу фаворитите за титулата, но има и други екипи што можат да го освојат трофејот“, рече тренерот на двократниот европски првак.
Тој имаше пофални зборови и за играта на ривалот. „Сакам да ја гледам Барса, и како тренер и како навивач. Прекрасно е да се види тој идентитет и мислам дека сме слични, но мора да бидеме свесни дека натпреварот ќе биде тежок, бидејќи имаат силни играчи и поединечно и колективно“, додаде тој.
Шпанецот беше прашан и како ќе го запре Ламине Јамал, во момент кога ПСЖ нема да може да смета на повредениот Нуно Мендеш. „Најдобриот начин да се брани против Ламине е да ја чуваме топката и да не им дозволиме да ја имаат. Кога играте против тим со вакви играчи, тоа мора да го совладате со целата екипа“, објасни Луис Енрике.
Тој одби да го споредува младиот Шпанец со Лионел Меси. „Мислам дека Ламине сака да биде Ламине и покажува многу високо ниво. Во споредба со најдобриот играч во историјата никој не излегува како победник. Ќе видиме што ќе се случи во иднина, но подобро е да не правиме такви споредби“, рече тренерот на ПСЖ, кој имаше пофални зборови и за колегата Ханзи Флик: „Совршено се вклопува во духот на Барса, кој се темели на храброст и постојана потрага по победа. Работи одлично, а резултатите зборуваат сами за себе.“
Натпреварот се игра во сенка на немирите и протестите во Франција во изминатите денови. Луис Енрике не сакаше да ги коментира, нагласувајќи дека не е вистинската личност за тоа и дека никој не го сака насилството, но додаде дека не е загрижен за безбедноста и се надева дека натпреварот ќе се одигра во нормални услови. Според Марка, францускиот министер Нуњез изјавил дека откажувањето на натпреварот воопшто не се разгледува.
Барселона, пак, денеска пристигна во Париз со задоцнување поради маглата, откако во саботата поради невремето мораше да преноќи во Севилја. Каталонците патуваа без повредените Жил Кунде и Ерик Гарсија, а натпреварот во Парк де Пренс почнува утре во 21 час.
















