Израелскиот Макаби Тел Авив по три години ја напушта салата „Александар Николиќ“ во Белград и домашните натпревари во Евролигата ќе ги игра во Лимасол на Кипар. Новата домашна сала ќе биде арената „Спирос Кипријану“, во која на Евробаскет 2025 се играше групата Ц со Кипар и Грција, објави Eurohoops.
Претседателот на Кипарската спортска организација, Јанис Јоану, изјави дека арената е подготвена да ги прими натпреварите на Макаби. Евролигата има писмо со кое се потврдува соодветноста на салата уште од 2 октомври, а инспекцијата беше извршена на 6 октомври во присуство на претставници на спортската организација, на кипарската полиција, на клубот и на менаџментот на арената. Конечната објава се очекува од самата Евролига.
Прв натпревар против Реал Мадрид
Првиот натпревар на Макаби во Лимасол е закажан за 22 октомври против Реал Мадрид, во седмото коло. Тоа значи дека дуелот со Олимпија Милано на 8 октомври, во четвртото коло, најверојатно ќе биде последниот натпревар на израелскиот тим во Белград, каде што ги играше домашните средби од октомври 2023 година.
Кипарската полиција ја заврши безбедносната проценка и даде позитивно мислење за натпреварите во Лимасол, со дозвола на трибините да бидат до 5.000 навивачи на Макаби, како и ограничен број гостински навивачи, пишува Politis.
Посебни безбедносни мерки ќе важат за натпреварите против турските клубови Фенербахче, Бешикташ и Анадолу Ефес. Навивачите нема да смеат да внесуваат лични предмети во салата, а бројот на гостинските навивачи ќе го одредува полицијата пред секој натпревар.
Барање до кипарскиот претседател
Идејата за преселбата доби замав за време на престојот на Макаби на Кипар за турнирот „Неофитос Хандриотис“. Тогаш претседателот на Кипар, Никос Христодулидис, се сретна со претседателот на Макаби, Шимон Мизрахи, по што клубот достави и официјално барање.
Макаби сезоната во Евролигата ја почна без победа по три кола. Загуби на гостувањата кај Панатинаикос и Лион, а пораз доживеа и од Бешикташ на единствениот домашен натпревар досега, одигран во Белград, наведува Cyprus Mail. Минатата сезона израелскиот тим ја заврши на 12то место.
















