Младинската фудбалска репрезентација на Македонија до 15 години, генерација 2011, ќе биде дел од историското прво издание на Светското првенство и фестивал на ФИФА за оваа возрасна категорија, кое ќе се одржи во Баку, Азербејџан. Според ФФМ, македонската селекција ќе престојува во Азербејџан во периодот од 22 октомври до 1 ноември, а натпреварите на турнирот ќе се играат од 24 до 30 октомври.
Натпреварувањето е нов проект на ФИФА, наменет за развој на младинскиот фудбал. Се игра осум на осум, со седум играчи во поле и голман, на терен со димензии 68 на 47 метри и со голови со стандардна големина. Натпреварите траат 40 минути, поделени во две полувремиња од по 20 минути, со пауза од пет минути, а право на настап имаат фудбалери родени во 2011 и 2012 година, пренесува ФИФА.
Правилата се различни од оние во класичниот фудбал. Измените се неограничени и „летечки“, аутот се изведува со нога, а правилото за офсајд важи само во зоната од 23 метри пред гол-линијата. Секој натпревар го водат двајца судии, од кои секој е одговорен за една половина од теренот.
Во Баку ќе настапат речиси 190 репрезентации, распоредени во 32 групи. Ниту една селекција нема да биде елиминирана: по групната фаза тимовите ќе бидат распоредени во шест нивоа според пласманот, па секој тим ќе одигра уште четири или пет натпревари, а победникот на највисокото ниво ќе биде прогласен за светски шампион. Речиси сите дуели ќе се играат во комплексот „Ховсан“, а отворањето и финалињата ќе се одржат во „Баку Кристал Хол“.
Македонија во групата Z ќе игра против Панама, Кенија, Чад, Малта и Нигер. Според распоредот на ФИФА, македонските млади надежи ќе стартуваат на 24 октомври против Панама, а групната фаза ќе ја завршат на 26 октомври.
Селекторот Горан Станковски за натпреварите во Баку ги повика голманите Марио Стојковски (Њу Стар) и Максим Ѓоревски (Виена ФЦ), одбранбените играчи Стефан Арсов (АИК Стокхолм), Дин Рожајац (ФФМ Академија), Ејман Емини (ФФМ Академија), Јетмир Асани (Вардар) и Хамза Зубери (Скопје), како и играчите од средниот ред Давор Танески (ФФМ Академија), Фишник Амити (Шкендија), Јоан Ѓорѓиевски и Стефан Стојаноски (Академија).
Во нападот Станковски ќе смета на Јован Јанчевски (Академија), Драган Петков (Њу Стар) и Доротеј Христов (Скопје). ФИФА ги покрива трошоците за летот до Азербејџан и за сместувањето на сите репрезентации, а секоја делегација брои 14 играчи и до шест членови на стручниот штаб.
















