Марко Џорлев е светски првак: злато за македонскиот каратист во Полска по 4-1 во финалето против Адам Баги

Карате кумите борба (илустрација)
Фото: Martin Rulsch / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Македонскиот каратист Марко Џорлев од Карате клубот Штип е нов светски првак во кадетска конкуренција. Во финалето во категоријата до 63 килограми на Светското првенство за кадети, јуниори и У-21 во Бјелско-Бјала, Полска, Џорлев го совлада Унгарецот Адам Баги со 4-1 и го освои златниот медал.

Џорлев водеше во финалето од почеток до крај, а ова е најголемиот успех во неговата досегашна кариера.

До борбата за златото стигна со четири убедливи победи. На стартот беше подобар од Кубанецот Алехандро Перез со 10-6, потоа ги совлада Хозе Андрес Гарсија од Гвајана со 6-1 и Латвиецот Леонс Акоповс со 6-0, а во полуфиналето го победи Јан Мата од Панама со 8-0.

Џорлев годинава веќе освои злато во Светската младинска лига во Пореч и е прв на ранг-листата на Светската карате федерација (ВКФ), а на Европското првенство заврши на петтото место. Негови тренери се браќата Сашко и Жарко Арсовски.

Македонија има шанса за уште еден медал во Полска. Во недела Реџеп Рушити ќе се бори за бронза во категоријата до 84 килограми во конкуренција на У-21.

Извор: IPON