Скандал го засени натпреварот меѓу Борац и Аталанта од четвртото коло на Конференциската лига. По последниот судиски свиреж, според снимката што се појави, еден маж го удрил белгискиот судија Нејтан Вербомен по грбот, а според босанските медиуми, станува збор за Спасан Жељковиќ, таткото на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, Вицо Жељковиќ.
Инцидентот се случил додека судиската екипа го напуштала теренот на Градскиот стадион во Бања Лука. На снимката се гледа како мажот му приоѓа на белгискиот судија, му гестикулира, а потоа го удира со рака по грбот. Обезбедувањето реагирало, а судијата продолжил кон тунелот, пишува „Херцеговина инфо“.
Идентитетот на мажот прв го објави порталот „Спортспорт“ од БиХ. „Неколку судии од БиХ ни потврдија дека станува збор за Спасан Жељковиќ, а наведоа и дека тој често стои покрај тунелот за време на првенствените натпревари на Борац на стадионот во Бања Лука“, пренесува српскиот портал Б92.
Според „А-портал“, во расправијата по инцидентот се вклучил и тренерот на Аталанта, Маурицио Сари. Домаќините беа незадоволни од судењето, бидејќи во завршницата на натпреварот играа со двајца играчи помалку.
Борац беше на чекор од сензација, бидејќи водеше со 2-0 речиси до самиот крај. Сепак, Аталанта со головите на Крстовиќ, Колашинац и Дзапакоста направи пресврт, победи со 3-2 и ги однесе трите бода од Бања Лука. Како што веќе пишувавме, Елиф Елмас учествуваше со асистенција во пресвртот на италијанскиот тим.
„Херцеговина инфо“ дознава дека инцидентот го забележал и официјалниот делегат на УЕФА, Романецот Алин Чобан, па се очекува Борац да се соочи со дисциплинска постапка. Според дисциплинските правила на УЕФА, клубовите домаќини се одговорни за редот и безбедноста на стадионот пред, за време на натпреварот и по него.
Вицо Жељковиќ е поранешен претседател на Борац, а Фудбалскиот сојуз на БиХ го предводи од 2021 година. Во април 2025 година доби втор четиригодишен мандат, а неговиот брат Богољуб е потпретседател на бањалучкиот клуб.
УЕФА засега официјално не се огласила за случајот, а до попладнето немаше ниту официјална реакција од Борац и од Фудбалскиот сојуз на БиХ.
















