МТ Мелсунген остана во игра за пласман во главната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите. Германскиот тим во Касел го победи Орлен Висла Плоцк со 28-26 и пред последното коло во групата Б ја отвори борбата во која важна улога ќе има и Вардар.
Натпреварот беше изедначен во текот на целиот меч. На одморот Мелсунген водеше минимално со 15-14, а во второто полувреме домаќините успеаја да создадат мала предност, која ја сочуваа до крајот.
Херој на германскиот тим беше голманот Небојша Симиќ, кој имаше 11 одбрани. Особено важни беа трите последователни одбрани во завршницата, при резултат 26-23, со кои Плоцк остана без можност за пресврт.
Кај Мелсунген, Ерик Баленсијага беше беспрекорен со шест гола од шест обиди, а Менсинг исто така постигна шест гола, но од 11 шутирања. За Плоцк најефикасни беа Бјере и Косоротов со по четири гола. Полскиот тим остана и без Шушња, кој доби црвен картон по третото исклучување, наведува ЕХФ.
Со оваа победа во групата Б се создаде голема гужва на врвот. Мелсунген, Плоцк и Нант имаат по шест бода, а двете места за главната фаза сè уште се отворени. Германскиот тим има подобар меѓусебен скор против Плоцк, со разлика од само еден гол.
Токму затоа последното коло ќе биде драматично и за македонските навивачи. Мелсунген гостува во Скопје кај Вардар, кој по победата во Нант ги освои првите бодови во групата и може да има збор во распределбата на местата.
Во другите натпревари од вечерта, Сегед и ГОГ одиграа 33-33. Данскиот тим со седум бода обезбеди место во главната фаза, а Сегед ќе продолжи во Европската лига. Голманот Мелер со одбрана по истекот на времето го запре Фримел и го сочува ремито.
Барселона го победи Монпеље со 40-34, со што францускиот тим испадна од натпреварувањето. Спортинг беше подобар од Кристианстад со 42-40, а Франсиско Коста постигна 14 гола. Магдебург славеше на гостувањето кај Колстад, а Вебер постигна 11 гола, додека голманот Кузмановиќ имаше 14 одбрани.















