Меси пристигна во Овиедо по наградата Принцеза од Астурија

Лионел Меси во дресот на Интер Мајами
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Лионел Меси во четвртокот пристигна во Овиедо, каде што утре ќе ја прими наградата Принцеза од Астурија за спорт за 2026 година. Аргентинецот, кој за првпат го посетува главниот град на Астурија, беше пречекан од стотици навивачи со звуците на традиционалните астуриски гајди.

Според шпанската агенција ЕФЕ, Меси пристигна околу 13:00 часот во хотелот „Де ла Реконкиста“, каде што го пречека директорката на Фондацијата Принцеза од Астурија, Тереза Санхурхо. Аргентинецот пристигна со сопругата Антонела Рокузо, со која позираше пред медиумите, а потоа им пријде на навивачите и потпишуваше дресови и фотографии.

Наградата му е доделена за неговиот „блескав талент“, за „исклучителната спортска кариера“, но и за „големата и континуирана хуманитарна работа за пристап до образование и здравствена грижа за најранливите деца“, се наведува во образложението на жирито, кое го објави Фондацијата Принцеза од Астурија. Жирито посебно истакна дека Меси е фудбалерот со најмногу освоени трофеи во историјата, со вкупно 47 титули.

Првата обврска на Аргентинецот во Овиедо беше средбата со децата во Палатата на спортовите во 17:30 часот. Настанот наречен „Играта на десетката“ предизвика огромен интерес, а сите 4.700 бесплатни влезници беа разграбани за само 13 минути, пишува РТВЕ. Меѓу гостите беа и 1.600 астуриски ученици.

Учениците претходно добија задача да замислат нов начин на играње фудбал во своите училишта, инспирирани од изјавите на Меси. Секое одделение составуваше свои правила од десет точки и ги применуваше десет дена, со цел да се поттикнат поинклузивен фудбал и вредности како почитта и емпатијата.

Во петок напладне Меси ќе присуствува на официјалниот прием кај шпанското кралско семејство, а свечената церемонија на доделување на наградите почнува во 18:30 часот во театарот „Кампоамор“.

Интересно е што Меси никогаш не играл на стадионот „Карлос Тартиере“ во Овиедо. Неговите 17 сезони во шпанското првенство се совпаднаа со најдолгиот период во историјата на Реал Овиедо надвор од Примера. Затоа, пак, пет пати гостуваше на „Ел Молинон“ во Хихон, каде што Барселона забележа четири победи и едно реми, а тој постигна четири гола, меѓу кои и два во победата со 1-6 во септември 2008 година.

Посетата на Шпанија ќе биде кратка. Интер Мајами во сабота гостува кај Њујорк Ред Булс во МЛС, а според РТВЕ, пораката од опкружувањето на Аргентинецот е дека тој ќе игра на тој натпревар, па се очекува веднаш по церемонијата да се врати во САД.