Лионел Меси го одигра првиот натпревар откако се збогува од репрезентацијата на Аргентина и веднаш се запиша меѓу стрелците. Капитенот на Интер Мајами постигна два гола во победата од 4-0 над Ди Си Јунајтед во МЛС, а уште два погодока додаде Луис Суарез, пишува Yahoo Sports.
Суарез го отвори резултатот уште во 3тата минута. Серхио Регилон центрираше од левата страна, Херман Бертераме ја продолжи топката со глава, а Уругваецот со удар од прва со левата нога ја смести во мрежата. Тоа му беше 14ти гол во регуларниот дел од сезоната, пишува официјалниот сајт на Интер Мајами.
Гостите имаа шанса за изедначување во 16тата минута, но голманот Дејн Сент Клер го одбрани ударот на Таи Барибо. Во 39тата минута Суарез повторно беше прецизен, повторно по асистенција со глава од Бертераме, кој го заврши натпреварот со две асистенции.
Во второто полувреме на сцена стапи Меси. Веќе во 47мата минута Суарез му испрати прецизна топка, а Аргентинецот со удар од прва со левата нога погоди за 3-0. Тоа му беше 22ри гол во регуларниот дел од сезоната.
Во 60тата минута Меси го постави конечниот резултат по соло-акција. Ја прими топката од Родриго Де Пол низ средината, ги надмудри двајцата бранители, навлезе во шеснаесетникот и со левата нога погоди во долниот десен агол. Со 23 гола го зголеми водството во трката за најдобар стрелец во МЛС.
Домаќините имаа 61 процент посед на топката и 16 удари, наспроти 14 на гостите. Интер Мајами сега има 13 победи, 10 ремија и пет порази, односно 49 бода, а против Ди Си Јунајтед е непоразен во последните седум меѓусебни дуели.
Тимот од Флорида нема многу време за одмор. Веќе во среда, на 14 октомври, го пречекува Њујорк Сити.
















