Мојсов до првата победа со Земун, 1-0 против Мачва

Стадионот на Земун
Фото: AirWolf / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Ѓорѓи Мојсов ја дочека првата победа на клупата на Земун. Српскиот суперлигаш во петокот, во 13тото коло од Суперлигата на Србија, ја совлада Мачва со 1-0 и така ја прослави првата победа во сезоната.

Натпреварот се играше на стадионот „Драган Џајиќ“ во Уб, пред околу 300 гледачи. Единствениот гол беше постигнат во 80тата минута, кога резервистот Димитрије Табаковиќ шутираше од околу 20 метри, а топката на патот до мрежата го закачи одбранбениот играч на Мачва, Сладојевиќ, и заврши зад грбот на голманот Вукашин Јовановиќ, пренесува Спорт клуб.

Табаковиќ влезе во игра во 71вата минута, а за погодокот му асистираше Годсвил Ваџе. Младиот крилен напаѓач беше прогласен и за играч на натпреварот.

Мачва имаше добра шанса за изедначување набргу по голот, но голманот на Земун, Мишо Дубљаниќ, одлично го одбрани ударот на резервистот Никша Делибашиќ и ги сочува трите бода.

Српските медиуми истакнуваат дека до голот се гледаше еден од најслабите натпревари во сезоната, со многу прекини и прекршоци. Двата тима заедно направија 39 прекршоци, пишува Моцарт спорт.

Земун, кој оваа сезона се врати во елитата, пред овој натпревар беше единствениот тим во лигата без победа, со три нерешени резултати и девет порази. Ова е прва победа на Земун во Суперлигата по повеќе од седум години, односно од сезоната 2018/19, кога во плејаутот го победи Радник од Сурдулица.

Мојсов ја презеде клупата на Земун во септември. Под негово водство тимот претходно одигра нерешено со Радник и Нови Пазар, а загуби од Чукарички и Железничар.

Победата е важна и во борбата за опстанок, бидејќи Мачва и Земун се на дното на табелата. Со овој пораз Мачва направи голем чекор наназад во борбата за избегнување на втората лига.